Дали сте страстен љубител на книги? Ако сте, тогаш досега сте наишле на проблем наречен недостиг од простор за книги. Книгите се собираат со години, се пренесуваат од колено на колено и стануваат незаменлив дел од вашиот дом.
Среќниците кои живеат во големи куќи или станови можат да си дозволат да одвојат и цела просторија за своја библиотека, која патем ќе ја користат и како работна соба.
Но сепак не сите имаат привилегија за такво нешто, па мораат во својот мал стан да најдат ќоше во коешто ќе го сместат ова свое задоволство.

Куќната библиотека не треба да биде најуредна, најпространа и најважна. Битно е да ве отсликува вас и вашата личност, како со изгледот така и со содржините на полиците.
Основни и најважни елементи во креирањето на сопствената библиотека се полиците. Постојат различни варијации на таа тема, од оние што се простираат од подот до таванот или, пак, оние кои можете да ги поставите на кој било дел од ѕидот.
Истите можете да ги направите од различни материјали и помагала, но сепак мора да бидат во склад со преостанатиот мебел во домот. Во продолжение ќе ви предложиме неколку начини за нивна изработка.

Полици од скали
Верувале или не, скалите можат да се искористат на различни начини за изработка на полици. Сѐ што ви треба се два пара помали скали кои ќе ги поставите една до друга, исправено или наопаку, како што сакате. Можете да ги прицврстите на ѕид, но може да стојат и на подот. По должината на скалилата поставете дрвени штици и веќе имате полици. Староста и уништеноста на скалите можат да дадат дополнителен шмек на вашата полица, но не заборавајте да ги бојадисате во бела или друга јака боја за да дојдат до израз.

Полици од дрвени штици
Полиците од дрво се најраспространети. Потребни ви се само неколку штици, на еднаква или различна должина, во зависност од просторот и идејата кои ги имате, неколку типли за во ѕид и чекан. Можете да користите и необработени штици (со кора) кои ќе му дадат посебна декорација на просторот. Важно е полиците меѓусебно да бидат добро нивелирани, односно на еднакво растојание.

Висечки полици
Доколку имате многу мал простор, идеална опција ви се мали висечки полици. Освен што се мали и практични, тие ќе изгледаат и многу елегантно на вашиот ѕид. Полицата направете ја од дрво, а потоа со ремени прицврстете ја на ѕид или на таван, во зависност од вашата волја.

Полица од палети
Палетите станаа секојдневие во модерниот дизајн и уредување на просторот, па истите можат да се искористат и како полици. Сѐ што треба да направите е да ги исечете, бојадисате и да ги поставете една врз друга како полица на ѕидот. Во зависност од бојата што ќе ја користите можат да бидат многу интересен детаљ во вашата просторија.

Полици од вински сандаци
И винските сандаци можете да ги искористите како полици во вашата библиотека, која би изгледала ретро и интересно. Исто како и палетите, сандаците можете прво да ги истружите бојадисате, да ги подредите еден врз друг и да ги прицврстите на ѕид.

Полици од необични конструкции
Овие полици се малку покомплицирани за правење, односно бараат малку повеќе работа. Тие се комбинација на метал и дрво и за нив ќе ви треба алат за заварување и прицврстување. Во минималистички простор изгледаат извонредно, а посебно во станови и куќи уредени во инструкторски стил, кој денес е многу популарен.
Без разлика на големината и позицијата на библиотеката, таа му дава гламур на вашиот дом. Го прави просторот поелегантен, поинтимен и поинтересен. Постојат дури и тапети со мотив на библиотека, кои некои ги поставуваат во своите домови за да го добијат тоа чувство. Во модерните домови често се прават комбинации на книги со различни бои на кориците кои, пак, прават интересна слика.


Невидлива полица

Многу едноставно можете да направите и невидлива полица, која ќе изгледа многу ефектно и моќно на ѕидот. Со типли под прав агол прицврстете на ѕидот завиткана метална плочка. Тенката метална полица ќе биде скриена ако ја ставите над долната корица на првата поставена книга.