Домување

Таванот во куќите обично се претвора во магацин за стари предмети, но во зависност од големината на вашиот таван, може да направите уште една спална или детска соба, како и целосно живеалиште. Изворите на дневна светлина се клучни за да успеете во трансформирањето на темниот таван во светла станбена површина. Може да имате прозорец на вертикалниот ѕид или, пак, прозорци на покривот. Дневната соба бара повеќе и поголеми прозорци од бањата. Во кујната е важно да има добро осветлување. Природната светлина дава чувство за простор и ја прави собата попријатна и удобна.
Ако покривот дозволува, најдобро осветлување се постигнува со ставање прозорци на двете страни на сртот. Не ставајте ги прозорците премногу високо, бидејќи ќе ја изгубите глетката. Ако таванот е голем, можете да поставите дополнителни прозорци на поголема висина. Тие даваат осветлување длабоко во просторот и помагаат во вентилацијата. Комбинацијата на ниско и високо поставени прозорци дејствува како оџак и обезбедува доволно вентилација во собата.
На покривот имате добра можност и за користење на енергијата на сонцето и да ја направите куќата поекономична. При правилно поставени покривни прозорци може да ги намалите сметките за греење, како и емисиите на јаглерод диоксид. Четирите кардинални точки ќе ви покажат од каде сонцето ќе свети кон куќата.