Доколку имате мал двор или градина, а сакате на отворено да уживате во слободните моменти во текот на денот, со малку креативност и фантазија, можете максимално да го искористите секој дел од просторот и да го претворите во идеално место за пладневен одмор и релаксација. Во продолжение ќе ви понудиме неколку практични совети и идеи со кои веруваме дека ќе ја постигнете вашата цел.
Со поставување дрвен или платнен летниковец, дополнет со удобна гарнитура за седење, во малото дворче можете да направите отворена дневна соба во која максимално ќе уживате во опкружувањето.
Ризлата и ситните каменчиња се идеална подлога во малите дворови. Лесно се поставува, уште полесно се одржува и е многу поевтина опција од другите подлоги. Потребно е само под каменчињата да се постави полиетиленска подлога, која ќе ја спречи појавата на плевел.
Со малку труд и фантазија на влажните и ниските делови во вашиот двор можете да си направите мало езерце. Не треба да имате огромен двор за да си направите водна градина. Дури и малата водна оаза може да привлече голем број шарени пеперутки и птици.
И во мал двор можете да имате многу цвеќе и овошки доколку поставите дрвени вертикални решетки или ниска ограда зад секоја засадена леа. На тој начин ќе имате многу билки, кои ќе растат вертикално и ќе заземаат помалку простор.
За да спречите мешање на тревата од тревникот со леите со цвеќе направете тесни патеки по должината на страните на леите. Така ќе го спречите растот на плевелот и ќе имате полесен пристап во уредувањето и одржувањето на истите тие. За да добиете визуелно поголем двор, патеките правете ги закривени околу леите и дрвцата. Така ќе имате чувство дека одите низ голема градина. За да го решите проблемот со простор вклучете ги и саксиите. Дел од сезонските цвеќиња и билки засадете ги во саксии, кои ќе можете да ги поставувате на места каде што не можете да ги засадите и притоа ќе можете да ги разместувате зависно од вашите желби. Притоа мора да внимавате и на годишните времиња. Многу градини изгледаат убаво и цветно само во пролет и лето, а во есен се бледи и празни. Лалињата обезбедуваат разнобојност во текот на пролетта, сарделите и темјанушките се идеални за летните месеци, додека, пак, разнобојните хризантеми ќе го разубавуваат вашиот двор во ладните есенски и зимски денови.
Често се случува погледот во дворот да го нарушуваат вашата шупа, гаража или кантите за ѓубре. И за тоа има решение. Со малку боја и со неколку декоративни елементи, вратите на гаражата и шупата ќе добијат сосема нов изглед. А за да го тргнете погледот од кантата за ѓубре, направите декоративен дрвен параван, пред кој ќе поставите мали саксии со цвеќе, кои во целост ќе дадат нов пријатен изглед на тој дел од дворот.