Каленото стакло е новиот естетски тренд што собра голем број симпатии во уредувањето на домот и сѐ повеќе луѓе се одлучуваат за негова примена, бидејќи пред сѐ е модерно, убаво и многу практично решение.
Потребни ви се само малку креативност и фантазија за вашата кујна да стане елегантна, а вашата бања да ја претворите во океан, плажа или тропска шума.
Не мора да се грижите дали овој декоративен елемент ќе се скрши, бидејќи станува збор за многу отпорно стакло, кое може да поднесе гребење, јаки удари како и отворен оган. Каленото стакло е осум пати поотпорно на удари во споредба со обичното стакло.
Ако се одлучите за уредување на домот со калено стакло, треба да знаете дека него може да го имате како еднобојно или со одреден принт или слика.
Овој тип стакло се сече и се крои пред самиот процес на калење, бидејќи тогаш е подложно на механичка обработка. Меѓутоа ако го ламинирате во тој случај неговата отпорност дополнително се зголемува.
Во бањата
Каленото стакло своја примена наоѓа и во уредувањето на бањата, како идеално решение за изработка на туш-кабините. Овие стакла покрај стандардната мат-структура можат да се изведат и со некоја декорација, со пескарење или со различни украсни фолии или апликации по желба на сопственикот. Туш-кабините од калено стакло можат да се изведат како фиксни прегради, прегради со лизгачки шини или со зглоб зависно од потребите на просторот и желбата на сопственикот.
Во кујната
Каленото стакло најмногу е застапено во кујните поради својата голема издржливост и цврстина, но и поради модерниот изглед. Најчесто се употребува на ѕидовите во кујната наместо стандардните керамички плочки. Бојата на стаклото може да се избере по желба според бојата на кујнските елементи, а исто така на него можете да ставите одредени принтови или слики како декорации.
Неговото одржување е многу лесно, се чисти само со памучна крпа и со средство за стакло. Предност во однос на керамичките плочки е тоа што нема фуги и спојки во кои се собира нечистотија и прашина.
Како ограда
Декоративните огради од калено стакло се сѐ попопуларно решение за терасите и скалилата, пред сѐ поради својата прозрачност и лесното поставување. Стаклените огради одговараат практично со сите естетски зафати во домот како на ентериерот така и на екстериерот. Можат да бидат во боја, пескарени, ламинирани или со принт. Овие стакла можат да бидат и во свиена форма доколку сакате да се постават на полукружен балкон или тераса.