Декорирањето на ѕидовите во домот може да донесе многу возбудливи промени во амбиентот, во зависност од изборот на мотивите. Постојат неколку начини со кои можете да направите декорација што ќе личи на тетоважа на ѕидна површина. Доколку имате вешти раце, ќе ви биде доволна само малку фантазија, која потоа ќе ја отсликате на ѕидот. Покрај декорацијата со четки и боја можете да користите и шаблони, кои се достапни во продавниците за бои или едноставно можете да купите готови стикери, кои исто така се достапни во специјализираните продавници.
Во продолжение ќе ви понудиме неколку начини со кои можете да ги декорирате вашите ѕидови, а притоа да не потрошите многу пари и време.
Цртеж на ѕидот
Приватните простории во својот дом можете да ги украсите со омилен мотив или со порака. Ако сте вешти во сликањето со четки и бои, вашата идеја и замисла многу лесно ќе ги пренесете на ѕидот, но доколку не сакате да експериментирате постојат и други начини. Можете да употребите необични тапети, стикери или, пак, самолеплива колаж-хартија.
Доколку сакате мотиви со лик на птица или цвеќиња, најдобро е истите тие да ги направите од хартија и да ги залепите на ѕидот. Со мало прекршувања на рабовите на хартиените птици или цвеќиња ќе постигнете одличен 3Д-ефект.
Цитат од книга
Омилениот цитат од вашата омилена книга може да добие почесно место и на вашиот ѕид со што наедно ќе стане уникатен и интересен украс на домот. Можете да го скенирате и да го зголемите, па да го испечатите на посебни панели, кои ќе ги поставите на ѕидот. Истите тие можете и да ги врамите како слики, кои ќе се надоврзуваат една на друга. Така секогаш ќе можете да фрлите поглед на значајните мисли од вашата омилена книга.
Пораки за гости
Ако имате животно мото што сакате да го поделите со сите што се дел од вашиот животен простор, порака испишана на ѕидот е одличен начин да го направите тоа. Пораката можете да ја напишете рачно со четка и со омилената боја или, пак, буквите можете да ги испечатите, да ги исечете од хартија и да ги залепите на ѕидот. Контрастот од црните букви на белиот ѕид ќе изгледа модерно и елегантно и лесно ќе се вклопи во секој животен простор.
Стари книги како украс
Некои се одлучуваат страниците од омилената книга да ги претворат во експонат на кој сите што ќе дојдат во нивниот дом ќе му се восхитуваат. На бел ѕид во минималистички уредена дневна соба, страниците од стара книга можат да заземат централно место. Сепак, феноменален ефект ќе се постигне ако на овој начин го украсите ѕидот во вашата работна соба, што наедно ќе биде и ваша инспирација за работа. Доволно ќе биде само симетрично да ги распоредите страниците на ѕидот и да ги прицврстите со лепило за тапети.
Цвеќе на ѕид
Ѕидот во дневната соба можете да го украсите и со цвеќе на невообичаен начин. На ѕидот во паралелни ленти залепете гранчиња од разно цвеќе и ќе добиете феноменален ефект.
Можете да поставите свежо цвеќе, но неговиот ефект ќе биде краткотраен само два-три дена. Идеално решение се гранчиња од разнобојно природно суво цвеќе, кое подолг период ќе биде декор и украс за вашиот ѕид. Исто така, краен избор може да биде и вештачко цвеќе, кое исто така со лепливи ленти ќе го прицврстите за ѕидот.
Декорација со конец и шајки
Со една рака мали шајчиња и со една макара конец во боја можете да направите совршена декорација на вашиот ѕид. Сѐ што треба да направите е со шајчињата да исковате одредена форма (цвет, пеперутка, птица, дрво или друга форма) и потоа со волницата, од една до друга шајка накрсно да преплетете мрежа, со која ќе формирате прекрасен и уникатен декор на вашиот ѕид.