Надвор е жешко, а климата ви е прескапа? Нема проблем. Вентилаторот е одлична алтернатива за клима-уредот.
Кои се предностите на вентилаторите?
Да бидеме искрени, вентилаторот никогаш нема да може да ве разлади како климата. Причината за тоа е што вентилаторот и климата работат на различен принцип. Климата го зема топлиот воздух од собата и го претвора во ладен, додека, пак, вентилаторот прави струење на воздухот во просторијата, со што ќе имате чувство дека температурата во собата е неколку степени пониска. Со оглед на тоа што разликата на надворешната и внатрешната температура не би требало да се поголеми од 9°C, во тој случај вентилаторот ќе ви ја овозможи таа идеална разлика.
Вентилаторот има и низа други предности во споредба со клима-уредот, а тоа се едноставна инсталација, мала потрошувачка, едноставно одржување, преносливост и пониска цена на чинење.
Ако сакате клима-уред, знаете дека не е доволно само да појдете во продавница и да го купите. Потоа треба да ангажирате стручно лице што ќе ја инсталира климата, а тоа ќе ви направи дополнителен трошок. Поставувањето, пак, на вентилаторот е многу поедноставно, сѐ што треба да направите е да го купите, да го однесете дома, да го вклучите во штекер и ладењето може да започне.
Една од најголемите предности на вентилаторот во споредба со клима-уредот е малата потрошувачка. Дури и ако го користите повеќе од осум часа во денот, вашата сметка може да порасне најмногу за 500 денари, се разбира тоа зависи и од големината и силината на вентилаторот. Со неколку збора, потрошувачката на најголемиот вентилатор ќе биде помала од најслабиот клима-уред.
Меѓу другото, клима-уредот бара и редовно одржување. Ако го избегнувате неговото редовно чистење, тоа може да предизвика негативности по вашето здравје. Исто така редовното одржување на клима-уредот треба да биде од стручно лице, што повторно е трошок плус.
За да го исчистите вентилаторот, не треба да бидете стручњак. Отстранете ја заштитната мрежа, избришете ја прашината од перките и вентилаторот е подготвен за користење.
Вентилаторот е лесно пренослив. Освен што можете да го преместувате од една во друга просторија, лесно е склоплив и можете да го пренесете и на друга локација, на пример во викендичката. Класичниот клима-уред останува таму каде што првично ќе го инсталирате и поставите. Постојат и преносливи клима-уреди, но тие се многу посложени за употреба од вентилаторите.
За да купите клима-уред, треба да имате подлабок џеб (минимално 250 евра), додека, пак, цената на вентилаторите е од 500 денари, па нагоре.
Како што спомнавме, за климата ќе треба дополнително да издвоите за нејзина инсталација и одржување, додека, пак, кај вентилаторите нема дополнителни трошоци.
Како дополнително да се разладите?
Вентилаторот е добра алтернатива за клима-уред, но не сте сигурни дека со него доволно ќе се разладите? Затоа постојат и дополнителни начини како да ја разладите просторијата во која живеете.
Обидете се да го спречите навлегувањето на сончевите зраци во собата со навлекување темни завеси или некој вид ролетни. Тие ќе го спречат навлегувањето на сонцето во просторијата и кога попладне по работа ќе се вратите дома, ќе ве пречека просторија со пријатна температура.
Освен тоа, пред вентилаторот можете да ставите мраз (на пр. замрзнати пластични шишиња со вода). Кога вентилаторот ќе дува во мразот, тогаш просторијата ќе се разладува повеќе од вообичаено.