Патувањата за многумина се едни од најдрагите активности со кои го исполнуваат слободното време, било да станува збор за патување на другиот крај од Европа или светот, или, пак, едноставен излет. Новото опкружување често нѐ поттикнува на истражувања или на купување сувенири со кои сакаме да го украсиме својот дом.
Доколку купите некој особено интересен сувенир, тој дополнително може да отвори теми за разговор со гостите во нашиот дом, но нас секојдневно ќе нѐ потсетуваат на убавите моменти од патувањето. Но многу е важно да им го најдеме вистинското место во нашиот дом, а не да го ставиме негде каде што само ќе собира прашина или ќе остане заборавен во некоја кутија.
Речиси сите луѓе на своите патувања купуваат магнети, кои истовремено се многу евтини и едноставни за пренесување. Но наместо да ги редите на фрижидерот, што според фенг шуи не е погодно место, можете да ги наредите на карта, така што ќе ги поставите на местата каде што сте патувале. За да го направите тоа можете под картата на ѕидот да поставите метална плоча на која ќе се лепат магнетите или едноставно да обоите дел од ѕидот со магнетна боја, која може да се купи од која било специјализирана продавница за бои. Иако денес повеќето од нашите фотографии од патувањата се наоѓаат во паметните телефони или во дигитални апарати, најдобро е оние најубавите да ги развиете на хартија и заедно со разгледниците дури и влезниците од местата што сте ги посетиле (музеи, кино, и др.) во некој дел од домот да си направите мала галерија на ѕидот. Комбинирајте различни големини на фотографии и разгледници, а ако успеете да купите некоја нетипична разгледница, која на пример е реплика на некој локален уметник, поставката на ѕидот може да биде многу поинтересна.
Сите оние ситници како реплики на Ајфеловата кула, Кривата кула во Пиза, букви од глаголицата од Хума или Микеланџело од Фиренца, се најчестиот извор на сувенири од патувањата. Но кога ќе стигнеме дома честопати не знаеме што би правеле со нив. За да не се изгубат во купот од ситни предмети во домот ви предлагаме да ги соберете и да ги изложите во стаклени садови. Четвртеста стаклена кутија под која ќе ги наредите овие ситници ќе биде идеален излог за нив. Не само што ќе бидат заштитени од прашина, ќе бидат сигурни од прстите на децата, а наедно ќе изгледаат како мал излог во музеј. Слично може да направите и со морските школки што сте ги собирале за време на летниот одмор. Нив можете да ги изложите во стаклени чаши или во длабоки садови така што ќе претставуваат одлична летна декорација во домот.
Ако, пак, на патувањата сакате на направите чекор повеќе и наместо сувенири да купите нешто едноставно и автентично за тоа место, тогаш потрудете се тие предмети да ги ставите во употреба во домот. На пример ако од Фиренца, Венеција или од Прага сте купите некој од нивните познати стаклени садови или декоративна керамика со автентични шари настојувајте да ги користите. Тоа не мора да биде секојдневно, но попладневно кафе на балкон, послужено во ѓезвето купено од патувањето во Босна звучи идеално. Букет цвеќе дополнително ќе ѝ даде живот на прекрасната керамичка вазна од Фиренца.
Доколку, пак, посетите некој од пазарите на местата каде што сте патувале, многу е веројатно дека сте виделе интересни ткаенини и марами што ви се допаднале. Било да сте среде Истанбул, Мароко или Шпанија, на нивните пазари можете да си купите доста евтини и автентични везени ткаенини и марами. Што било и да одберете тоа ќе ве потсетува на патувањето, но немојте само да ги ставите во плакар и да заборавите на нив. Дури и ако немате машина за шиење лесно можете да направите навлаки за перничињата во спалната соба, па секогаш кога ќе легнете на тоа перниче мислите ќе ве одведат на прекрасното патување од каде што сте ја купиле ткаенината.