Знаеме дека кондензацијата е премин на гас или пареа во течна или цврста состојба. Кондензацијата во станбените објекти се јавува како резултат на големата разлика помеѓу надворешната и внатрешната температура и најчесто се јавува за време на грејна сезона. Тогаш топлиот воздух создаден од домаќинството, поради разни причини (греење, готвење, туширање), доаѓа во контакт со ладни површини и кондензира.

Кондензацијата, како и штетата што ја причинува на ѕидовите, мебелот и на сликите, е директен резултат од живеењето во современи услови, кој е воден од желбата за потопли и покомфорни простории.
Во голем број станови, особено во поткровјата, таваните и ѕидовите се добро изолирани, вратите и прозорците се добро и квалитетно вградени, старите оџаци се затворени.

Како резултат на тоа, просториите се потопли, но и со многу ограничена вентилација, така што водената пареа што се произведува во текот на вообичаените секојдневни животни активности нема можност да излезе од просторијата, а со тоа само се поттикнува кондензацијата.


Што ја предизвикува кондензацијата?

Воздухот што нè опкружува секогаш содржи одредено количество водена пареа што е невидлива, исто како што облакот од пареа од чајникот ќе го снема откако ќе биде апсорбиран од атмосферата. Колку е потопол воздухот, толку повеќе влага може да содржи тој, но доаѓаме до моментот кога на одредена температура воздухот не може да „прими“ повеќе влага и тогаш го нарекуваме „заситен“ воздух. Кога таквиот воздух, заситен со водена пареа, ќе дојде во контакт со студени површини, тој се лади и на одреден начин го отфрла вишокот вода што го носи со себе во вид на фино замаглување на ладната површина или дури и во вид на ситни капки вода.


Од каде доаѓа влагата во воздухот?

ДИШЕЊЕ: За 8 часа спиење, две возрасни лица преку дишењето произведуваат 0,64 л вода.
ГРЕЕЊЕ: Секој потрошен литар гас за греење може да произведе 1 л водена пареа. Грејачите на цврсти горива произведуваат 0,8 л водена пареа по 1 м3 гориво.
ГОТВЕЊЕ: На дневна основа, со готвењето се произведува околу 3 л водена пареа.
БАЊАЊЕ-ПЕРЕЊЕ АЛИШТА: Бањањето и перењето алишта просечно произведуваат 1,5 л вода, а ако алиштата се сушат внатре, станува збор за околу 5 л вода на ден.
НОВИ ПРОСТОРИИ: Ако некоја просторија била неодамна реновирана или била надградена нова просторија, градежните материјали, како што се тули, малтер, вар и слично, може да апсорбираат и до 7.000 л вода во текот на работите, што подоцна се ослободува во просторијата.
Онаму каде што прозорците се со двослојно или трослојно стакло, проблемите со кондензацијата ќе бидат помали отколку кај еднослојното стакло во иста ситуација.
Во загреаната, добро изолирана просторија, внатрешната површина на стаклото ќе биде потопла и со тоа ќе се намали ризикот од кондензација. Меѓутоа, во добро изолирана просторија, стаклото и понатаму ќе биде најстудениот дел, па тука ќе настане кондензација. Не треба да се заборави дека двојното стакло е одличен изолатор, а не извор на топлина.
Така, во несоодветно греена просторија (која содржи количество влага и водена пареа како и другиот дел од куќата), внатрешното стакло ќе биде со слична температура како и надворешното, што ќе создаде идеални услови за појава на кондензација.


Чекори за редукција на кондензацијата!

Обезбедете соодветна вентилација!
Собата да се проветрува на дневно ниво, со користење вентилациски преклоп. Отворајте го прозорецот 5-10 минути секој ден, за да овозможите размена на воздухот.
Ограничете го создавањето влага.
Приспособете ги механичките отстранувачи на влага покрај шпоретот и рерните. Не дозволувајте во текот на туширањето или бањањето топлата вода непотребно да тече. Држете ја затворена вратата на бањата, а прозорецот во бањата отворете го 10-15 минути по бањањето. Темелно проветрете ја облеката за спиење. Позиционирајте ги радијаторите, печките и слично, под прозорците. Обезбедете континуиран проток на топол воздух преку стаклото на прозорецот со позиционирање на радијаторите непосредно под прозорецот. Оставете одредени извори на топлина перманентно под прозорецот во текот на студените денови.