Низ страниците на македонската литература за деца. „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев (4)

Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев. И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, по нешто да научите, да се насмеете и со нетрпение да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво

Кој што сака нека мисли, ама баш за ништо не сум „крив“!
Дедо е во право кога вели: „Човек учи додека е жив“.
И за тоа ви велам – ич не ми е мака. А сè се случи токму вака:
На Бадник пред секој Божиќ, нели – лепче со паричка се дели. Во сечиј дом, па и кај нас тоа си е семејна традиција. Но годинава јас ја „заплеткав“. Си признавам, еве, и без полиција…
Што ме натера тоа да го сторам?
Добро, ќе ви кажам, ако веќе морам…
Пет-шест години по ред, Бадник кога доаѓа паричката секогаш кај сестра ми се наоѓа. Да е еднаш или два-три пати, тоа некако и може да се сфати. Но пет-шест години тоа да се случува, некој друг „господ“, значи, за тоа одлучува.
А сестра ми и баба ми се во тајна „коалиција“, па сигурно ја лажираат бадниковата традиција. Но и „бате“ Васко, не пасе трева, па цели пет години да не крева врева!
„Доста ми беше пријателки мои!“…


Тоа си го реков и ваков план скроив:
Кога дедо почна на трпезата да се крсти, си скрив едно денарче в дланка, меѓу прсти. А кога на сите од лепчето даде и пред некој да почне од него да јаде, во моето делче паричето го пикнав, и божем изненаден – на цел глас викнав:
– Еве гооо!
Па им го покажав паричето на дело.
– Штооо?!? – списка сестра ми и смршти чело…
– Доста ти беше – ѝ вратив – петгодишната привилегија. Среќата ја смени, сестро, својата „стратегија“!
Ќе кажев уште нешто, но ме пресече дедо:
– Нека ти е со среќа, имаш право чедо!
А баба:
– Конечно и тебе, Васко, ти дојде редот!
Ме бакна мама, ми честита тато, сал сестра ми лута го истегна вратот. Ја виде баба и почна да ја теши:
– И среќата, Зорке, знае да „згреши“…
Дедо ме погледна и почна да се смешка:
– Ај јадете – рече – сè си е без грешка! Како никогаш досега ни е богата трпезата.
Баба ми, пак, списка:
– Ми отиде протезата! Леле, леле, луѓе, од болка ќе „шизнам“! Што ли ќе е ова во лепчето што го гризнав?!
Што гризна баба, јас веднаш сфатив, па побргу од стрела – магла надвор фатив!
Баба си доби нова протеза по Бадникот. Ама и јас си добив нешто од тато – по задникот.
И сега не ми е важно кој колку е крив. Та нели човек учи додека е жив?

Вашиот Васко Пикаско


Божиќ

Божиќ е празник
наш, најличен!
Православен, христијански –
на Велигден најсличен.

Божиќ кога славиме
сегде кај што се оди,
поздравот наш гласи:
– Христос се роди!
– Навистина се роди!

Бадник

Денот пред Божиќ
како Бадник се слави,
за вечера – лепче
со париче се прави.

На секого од лепчето
по парченце му се дава.
Кој ќе го најде паричето
ќе има среќа и слава.


За авторот

Киро Донев

Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес, како пензионер, живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“, издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“ и „Големиот принц“ од издавачката куќа „Феникс“.
Негово последно дело е книгата „Видое Подгорец – незавршена приказна“, романизирана биографија, која Донев ја напишал за својот соработник и пријател или, како што тој честопати знае да каже, „батко и духовен татко“.