Во време кога технологијата и новитетите кај автомобилите ја создаваат висината на цената на новите автомобили, богатите луѓе во светот сè уште ги проценуваат олдтајмерите како едни од највредните возила на светот. Пазарот за овие автомобили останува многу атрактивен и најбогатите луѓе на светот често одлучуваат да одвојат милиони долари за постарите и уникатни возила. Побарувачката за постарите, легендарни автомобили константно расте, а со тоа и нивните огромни цени. Листата на автомобили што на аукциите достигнале и до четириесетина милиони долари се шири и нема назнаки дека овие цени ќе се намалуваат.
Подолу во текстот ќе се осврнеме и ќе ги посочиме некои од највредните автомобили што некогаш се продадени на аукција. Ова се модели на возила за кои познати милијардери, директори на светски компании и моќници одвоиле огромни суми пари за да ги поседуваат, без ни малку да размислуваат. Постојат повеќе вакви светски аукции, каде што богатите луѓе може да се одлучат да ги искористат своите милиони за да дојдат до неверојатните „класични“ автомобили.
Сосема е предвидливо дека „Ферари“ доминира на оваа листа, но тука се вклучени и автомобилите на „Мерцедес“, „Алфа ромео“ и „Јагуар“, кои исто така високо се вреднувани од екстравагантните љубители на вакви возила. Листата покажува дека на пазарот за класични автомобили или олдтајмери нема евтини примероци и дека секојдневно цените рапидно растат поради големиот интерес на купувачите.
Цените на возилата се движат од 10 милиони фунти за модел на „ферари“ од 1950-тите години, до моделот „тип-57 сц“ на „бугати“, кој е продаден за околу 30 милиони долари во 2010 година. Од сите 10 најскапо продадени автомобили на аукција, ние ќе издвоиме неколку за кои сметаме дека биле најатрактивни за купувачите.
Првиот автомобил што ќе го споменеме, а бил неверојатно атрактивен за купувачите на аукцијата „Сотерби“ во 2016 година е моделот на „алфа ромео“ наречен „8Ц 2900Б лунго спајдер“ од Туринг, кој е произведен во 1939 година. Неговата цена на оваа аукција достигнала до 19.800.000 долари. Несомнено е дека „лунго спајдер“ е дефиницијата за италијанско комфорно возило и сосема е разбирливо што голем број автомобилски ентузијасти биле заинтересирани да ја прошират својата колекција со овој прекрасен примерок.
Следната година на истата аукција „Сотерби“ е продаден и моделот „астон мартин“ наречен „ДБР1“ од 1956 година за неверојатни 22.550.000 долари. Оваа цена го прави „ДБР1“ најскапо продадениот британски автомобил во историјата, а неговата атрактивност се должи на тоа дека со ова возило големиот сер Стирлинг Мос достигнал огромни успеси на трките во 1959 година во Германија.
Секако дека меѓу најскапо продадените автомобили мора да има германски автомобил, па така моделот „В196“ на „Мерцедес-Бенц“ од 1954 година, поради повеќе добри причини бил многу атрактивен за купувачите на автомобилските аукции. Во 2013 година, овој автомобил, кој го возел легендарниот Хуан Мануел Фанџо, ја достигнал цената од 29.600.000 долари на Фестивалот на брзината. Интересно е да се напомене дека возилото е продадено во својата „автентична состојба“ со очигледни траги од земја и оштетувања на бојата од учеството во трките.
Како за крај, најскапиот автомобил што е продаден на аукција (засега) е на „Ферари“, и тоа моделот „250 гто“, произведен во 1962 година. Неверојатните 38.115.000 долари за возилото што е создадено од легендарната италијанската компанија за светскиот шампионат во 1963 година, може да се каже дека е најатрактивното од сите претходни и дека заинтересираноста за него од богатите автомобилски ентузијасти ја оправдува високата цена.
Олдтајмерите и старите возила со историска вредност секогаш имале цени што не се достапни за обичните луѓе, но во изминатите години високиот интерес за ваквите автомобили драстично ги крена цените и на фактички помалку вредните примероци. Во следните години се очекува пазарните цени на овој тип аукциско продавање стари автомобили уште повеќе да растат и вредноста на возилата да достигне дури и до 100 милиони долари за некои модели.