Веќе со години Кина е најголемиот светски произведувач на соларни панели и најголем инвеститор во системите за обновлива енергија. Економската суперсила сега своите напори и парична моќ ги насочува кон производство на електрични автомобили, со намера да го освои глобалниот пазар и во овој сектор.
Целта на кинеската влада е преку засиленото производство на електрични автомобили да се намали огромното загадување во поголемите кинески градови. На пример, во Пекинг квалитетот на нивото на воздухот многу често достигнува и отровни нивоа, а процените на властите велат дека една третина од загадувањето во овој град е предизвикано од големиот број возила. Но ова не е единствената причина за новите вложувања во оваа индустрија, бидејќи постојат и други влијанија за насочување на производствната политика на Кина во овој правец. Кинеските произведувачи на автомобили веќе со години на светскиот пазар не можат да им парираат на произведувачите од Европа, САД и од Јапонија и со т.н. „електрификацијата“ на пазарот на возила се надеваат дека повторно ќе станат влијателен фактор.
„Чанган“ е еден од четирите најголеми кинески произведувачи на автомобили и минатата година компанијата, која е во државна сопственост, продала околу 2,87 милиони возила, што е 10 отсто од вкупно продадените 28,8 милиони автомобили на кинескиот пазар. Од целосната бројка, само 770 илјади возила биле со некаков вид обновлива енергија или имале систем што не ја загадува животната средина (хибриди, електрични возила, возила на хидроген).
За зголемување на производството на возила со алтернативен погон и електрични возила, кинеската Влада планира да издвои огромни средства за помагање на компаниите, односно околу 47 милијарди фунти до 2020 година. Се очекува дека ќе се вложат и уште 3 милијарди фунти за развивање на инфраструктурата.
Како чекор со кој ќе се стимулира јавноста да ги купува овие автомобили е и поставувањето специјални регистарски таблички на електричните возила со кои ќе има поевтин паркинг, олеснети услови при регистрација и голем број други поволности. За побрза и поефикасна имплементација на оваа идеја, Владата во Кина планира да изгради и околу 800 илјади станици за полнење на електричните возила, а финансиски ќе ги стимулира и компаниите да произведуваат свои станици.
Но не се само етаблираните произведувачите од Кина оние што имаат намера сериозно да влегуваат во бизнисот со електрични автомобили. Денес, оваа земја има над 300 нови стартап-бизниси, различни видови нови компании, па дури и компании за софтвер, кои имаат цел да се вклучат во оваа „револуција“.
Една од најистакнатите вакви фирми е „Велтмајстер“, создадена во 2015 година и се смета дека токму тие се една од најамбициозните и ветувачки стартап-компании во Кина. Нивниот електричен автомобил „е икс5“ веќе почна со производство за нарачаните 10 илјади примероци. Овој модел има навистина импресивни карактеристики и може да мине дури 500 километри со едно полнење и високотехнолошки ентериер, а чини „само“ 13 илјади фунти. Принципот на работење на „Велтмајстер“ се очекува да го преземат и другите кинески компании од овој тип, како добар пример за тоа како се одржува фирма за електрични возила на пазар што не е целосно заинтересиран за оваа инвентивна технологија. Доказ за брзиот и квалитетен развој на оваа фирма е и вработувањето на 1.500 работници во нивниот производствен погон, големиот број нарачки и инвестициите во фирмата, кои изнесуваат 2,23 милијарди фунти.
Со целата кинеска економија и политика насочени кон „електрификација“ на возилата, лесно е да се поверува дека оваа земја ќе стане сериозен и важен играч на пазарот на електрични автомобили. Останува да се види како другите економски сили во светот ќе реагираат на овој брзорастечки тренд и дали со текот на времето компаниите од Кина конечно ќе бидат конкурентни на автомобилскиот пазар.