Јубилејната година на Музејот на рускиот импресионизам ќе започне со веќе поставената изложба „Сергеј Виноградов. Насликан живот“, чие траење е продолжено до 31 март. Изложбата вклучува повеќе од 60 дела собрани од колекциите низ цела Русија, а меѓу нив има и дела од колекциите на Белорусија и на балтичките земји
Светот е сцена
Музејот на рускиот импресионизам во Москва ќе го прослави својот прв јубилеј следната година – пет години од основањето, и по тој повод подготвува голема изложба на дела од богатите колекции на колекционери од Москва и од Ленинград, како и изложба посветена на првото обемно прикажување на руската уметност во 1920-тите години.
Импресионизмот во Русија се појавил како уметнички правец кон крајот на 19 век, но иако родил многу големи уметници, тој им бил познат долго време само на страсните љубители на уметноста и на колекционерите. По подемот во првите години на 20 век, кога започнал да го презема сопствениот идентитет, тој бил брзо потиснат од авангардата, а потоа, по револуцијата, па дури и за време на целиот советски период, се нашол „надвор од системот“. Ова е една од причините зошто Музејот на рускиот импресионизам, во музејска земја како Русија, слави само пет години од постоењето.
Сепак, иако импресионизмот во Русија бил истребуван со децении, многу уметници, и пред и по политичките промени во земјата, продолжиле да творат на импресионистички начин, да експериментираат на нивните платна со боја, светлина, настојувајќи да ги пренесат расположението, чувствата…
Објектот на културниот и деловен комплекс „Болшевик“, во кој сега се наоѓа Музејот на рускиот импресионизам, првично бил магацин за брашно и шеќер. Во 1884 година таму е отворена фабрика за слатки, која била една од најголемите во Европа во 1960-тите години. На почетокот на новиот милениум, фабриката била преместена надвор од Москва, а во 2012 година, британската архитектонска фирма „Џон Мекаслан“ го презеде проектот за реставрација и пренамена на поранешниот магацин со невообичаена форма, цилиндар со правоаголник на покривот, во модерен музеј.
Јубилејната година на Музејот на рускиот импресионизам ќе започне со веќе поставената изложба „Сергеј Виноградов. Насликан живот“, чие траење е продолжено до 31 март. Изложбата вклучува повеќе од 60 дела собрани од колекциите низ цела Русија, а меѓу нив има и дела од колекциите на Белорусија и на балтичките земји. Музејот подготвува и изложба со наслов „Ловци на уметност“ за април, посветена на колекционерите што собирале вредни дела од модерната руска уметност за време на Сталин и во текот на следните неколку децении. Изложбата ќе вклучува дела од најистакнатите руски сликари, од Константин Коровин и Александар Беноа, до Казимир Маљевич и Ник Пиросмани.
– Благодарение на колекционерите, како што се филмскиот режисер Соломон Шустер, лекарите Александар Мјасников и Арам Абрамјан, агрофизичарот Абрам Чудновски, формирани се значајни колекции и зачувани се извонредни дела на руската уметност – се вели во соопштението на музејот.
Изложбата ќе биде отворена од 21 април до 29 август 2021 година.
Од 16 септември 2021 година до 16 јануари 2022 година, во Музејот на рускиот импресионизам, јавноста ќе може да види проект посветен на изложбата на руска уметност во САД во текот на 1924 и 1925 година. Американската публика со голем интерес ја дочекала оваа изложба на која биле презентирани повеќе од илјада дела од најдобрите руски сликари. Изложените дела со текот на времето биле расфрлани низ целиот свет. Музејот на рускиот импресионизам спроведе детално научно истражување и најде многу од нив во колекциите на САД, Канада, Велика Британија, Швајцарија, Шпанија, Франција, Германија, Австрија и други земји. На територијата на Русија, слики беа најдени во колекциите од Хабаровск до Севастопољ.
– Изложбата ќе стане еден од најголемите проекти на музејот. На неа ќе има дела од Виктор Васнецов, Питер Кончаловски, Борис Кустодиев, Лео Бакст, Игор Грабрј и други. Посетителите ќе можат да видат дела од музејски и приватни колекции од Русија и од светот, вклучувајќи ја и галеријата „Албертина“ во Виена – соопшти музејот.
Музејот на рускиот импресионизам беше отворен во 2016 година. Основа на постојаната изложба се делата на Василиј Полиенов, Константин Коровин, Валентин Серов, Станислав Жуковски, Игор Грабар, Константин Јуон и други сликари.