За уметникот од Северна Каролина, кој почина на почетокот од 2019 година, деновиве пишуваат и сликарот Сергеј Андревски, биографката и фотографка на Мун, Ким Милер де Кинтал, и поетот и уметнички критичар, Даг Штубер
И македонските уметници со жалење ја примија веста дека светов на почетокот на годинава го напушти едно големо авторско име, американскиот сликар со светско реноме, Џим Мун, кој на голем број од нив им беше и пријател и сесрдно им помагаше. Тој беше инспирација, ментор и пријател и за голем број студенти по уметност и уметници од различни земји, а преку фондацијата „Асоларе“, која ја основа во 1995 година како непрофитна организација на уметници, нудеше изложби низ целиот свет и уметничка резиденција во неговиот дом во близината на Винстон-Салем.
Роден како Џејмс Монро Мун Јуниор, на 7 јуни 1928 година во Грејам, Северна Каролина, тој почина во својот дом на 5 јануари по кратка битка со леукемија. Според неговите желби, неговото тело му е донирано на медицинското училиште „Вејк Форест“.
Сликарот Сергеј Андреевски по повод заминувањето на Мун напиша пригоден текст со наслов „Блажен е човекот што го сака човекот“, каде што, меѓу другото, ја истакнува и неговата особеност да им помага на уметниците од целиот свет. Истакна дека Џим Мун со радост преку „Асоларе“ организираше изложби.
– Сѐ уште ми се свежи сеќавањата кога во далечната 2004 година, македонското знаме се вееше на влезот од центарот за визуелни уметности во Салзбери, Северна Каролина. Таму, освен мене, беа претставени и уметниците: Чемерски, Бојаров, Масин и Јанашлиева. Изложбата беше подготвена и организирана на највисоко можно ниво. Претходно, во центарот „Линколн“ во Њујорк беше организирана изложба на македонските уметници: Дандаров, Куновска, Петровски, Трујкановиќ, Џартовска и Поповски. Исто така, во седиштето на фондацијата „Асоларе“ што се наоѓа во Лексингтон, Северна Каролина, освен мене, престојуваа и твореа уметниците: Роберт Цветковски, Емил Шулајковски и Воскресија Андреевска. Сите овие ангажмани од страна на Џим, беа направени со единствена цел – да се афирмира македонската култура.
Големиот Маркес има изјавено: „Животот е како приказна, не е важно колку е долг, туку колку е добар“. Или, јас би додал во прилог на исто толку големиот Џим Мун: „Исполнетоста на животот е суштина и убавина, тоа е она што возбудува“. Џим Мун имаше и возбудлив и исполнет живот: прекрасна кариера и богато опкружување. Сето тоа го правеше исклучителен духовно – блескаво богат човек и уметник. Тој живееше надвор од вообичаените кодекси на однесување, американско, европско или наше – македонско. Впрочем, тој живееше исто како да е дел од светот што го сликаше: интуитивно, оригинално и скокотливо. Неговите слики, цртежи и графики ја отсликуваат убавината на руралното и живеењето воопшто, сместено помеѓу Северна Каролина и Италија, неговата вечна инспирација. Тие се и слика и претстава за самиот уметник: спектакуларни и скромни, префинети и шеговити.
Џим секогаш се чуваше од влијанијата на помодноста и конформизмот; тој се држеше до констатацијата дека неговиот најголем учител е животот, а неговото училиште е имагинација на стварноста. Славејќи ја моќта на фантазијата, вистинската вредност на неговите дела е всушност податокот дека тие ги будат нашите сетила и нѐ тераат на размислување. Кај Џим Мун, приоритет имаше само една работа – сликарството и сè што е поврзано со него. Би нагласил дека тој имаше исклучително развиен инстинкт за препознавање на добра уметност. Мун има поминато 15 години во Европа, во малото место Асоло сместено во близината на Венеција. Во 1960-тите години оди во Њујорк, токму кога овој град станува епицентар на светската култура и ја живее сопствената ренесанса. Таму тој твори со најголемите ѕвезди од светот на уметноста како Пикасо, Џексон Полок или Били Холидеј. Другарувал и со Пеги Гугенхајм, едно негово дело денес ја краси колекцијата на музејот „Гугенхајм“ во Њујорк.
Уживав кога разговаравме и кога ми ги прераскажуваше неговите животни искуства. Беше голем ерудит, врвно образование. Неговите слики се прескапи. Надреалното и оригиналното во нив е снажно, тој е свој пред сè, и сите оние што лично го познаваа, секогаш високо ќе ги вреднуваат неговите творечки оставини. Човештвото ќе биде посиромашно за еден хуман човек и брилијантен уметник – напиша Андреевски.
Дел од сликите на Џим Мун се наоѓаат во многубројни јавни и приватни колекции низ целиот свет, вклучувајќи ги и Музејот на модерна уметност во Њујорк и Националната галерија на Македонија во Скопје во чиј објект „Мала станица“ во 2006 година тој имаше своја изложба на графики. Публиката доби можност да види 26 негови дела, а циклусот насловен „Асоланд суит“ ѝ го подари на истата галерија. Мун студирал во САД и во Италија, а предавал уметност на: универзитетот „Северна Каролина“ во Гринсборо, универзитетот „Хофстра“, уметничкото училиште „Северна Каролина“, колеџот „Салем“ и на институтот „Нортвуд“. Тој продолжува да живее преку неговата внука Џени Л. Шарп, неговата правнука Рејчел А. Ајнсворт, неговиот животен партнер Џон Д. Чапман и неговиот сурогат-внук Јамшид Јамбулов. Деновиве на интернет, поврзани со неговото име, можат да се прочитаат и текстовите на неговата лична биографка и фотографка, Ким Милер де Кинтал и поетот и уметнички критичар Даг Штубер.
– За време на еден период од нашето пријателство, ги следев вашите сеќавања (зад камерата) низ места и времиња за кои не сум можела ниту да сонувам, и низ вашите очи вие ме запознавте со голем број интересни карактери, кои со текот на времето станале дел од вашиот живот. Некои од тие луѓе беа познати, светски реномирани сликари, писатели, танчари, актери и музичари. Тие блескави ѕвезди го допреле вашиот живот на еден или на друг начин, но полека сфатив дека оние што ве допреле биле оние што сѐ уште не ја препознале својата силна светлина, луѓе што не биле свесни за длабочината на нивните можности и таленти. Имавте извонредно шесто сетило кога требаше да го најдете срцето на креативноста во другите, и потоа да ја охрабрите таа креативност да се оствари – напиша Ким Милер де Кинтал. Даг Штубер потсетувајќи дека секогаш постојат приказни зад големите уметници, истакна дека „го паметиме Полок затоа што неговиот живот беше исполнет со самопредизвикани трагедии, дека Ван Гог беше генијалец, кој го следеше својот пат, комплетно игнориран, но незаборавен затоа што неговата приказна исто така беше трагична“.
– Џим Мун сѐ уште е со нас и неговата приказна бара малку повеќе истражување за да биде разбрана. Наместо да тргне по трагичната маршрута, Мун ја прифати својата улога и следеше спиритуален пат. Тој можеше лакомо да се закачи за њујоршката уметничка сцена, тој и онака беше дел од неа од негова рана возраст. Но откако тој го пронајде својот успех, тој одбра да им помогне на другите да го пронајдат својот пат до Големото Јаболко, и пошироко – смета Штубер.