Корпорациите како „Фејсбук“ ќе продолжат да собираат огромни количества податоци, кои потоа ќе може да ги искористат за да ја променат лојалноста кај луѓето. Но државите веќе ги гледаат како ривали, па спроведуваат конкретни мерки за да ги спречат во намерата да им ја одземат моќта, посочува американски Стратфор
Дали корпорацијата ќе ја замени државата како доминантна организациска структура во светот во наредниот век? Ова е прашање на кое многу светски мислители веднаш ќе ви одговорат потврдно. Во оваа храбра визија за иднината, границите меѓу државите постепено ќе исчезнуваат додека транснационалните компании ќе стануваат помоќни и ќе ја имаат контролата врз владите во системот на ефикасно функционирање. За поборниците на оваа визија, актуелните трендови во светот, зголеменото влијание на големите компании, огромната заработка на „Епл“ и намалувањето на трговските бариери укажуваат на претстојната доминација на корпорациите. Спротивно на ова, скептиците велат дека прерано е да се отпишат државите, но заклучуваат дека корпорациите најверојатно ќе ја нарушат моќта на државата во наредните децении.
Историјата на светот е во суштина историја на невидливите линии што влијаеја врз светското население. Основната општествена единица, односно човекот, важи во голема мера во целиот свет, но системите ги претворија луѓето во делови од поголеми машини. Организациите и институциите имаат моќ благодарение на подготвеноста на поединците да се жртвуваат за повисоки цели. За време на владеењето на феудалниот систем, моќта на кралот зависеше од лојалноста на неговите поданици. Католичката црква некогаш имаше огромна моќ, а денес е само една бледа сенка на она што беше некогаш затоа што не успеа да убеди поголем дел од населението да верува во неа и поради тоа ѝ се намали релативната моќ. Во вековите по Вестфалскиот мировен договор од 1648 година, националната држава почна да ја потиснува црквата и притоа обезбеди здраво чувство на идентитет за кој големи групи различни луѓе беа подготвени да го дадат својот живот.
Но погрешна е идејата дека поединците би можеле да застанат на страната на корпорациите отколку на самата национална држава. Како прво, може повеќе да не важат поволните геополитички околности што им дозволија на корпорациите да функционираат во изминатите седум децении. Сепак, покрај тоа, постојат подлабоки филозофски проблеми што се засноваат на прашањето за лична мотивација.
Ако корпорациите станат поважни од државите во светот, тогаш поединците ќе треба колективно да ја променат нивната основна лојалност (или условите да ги натераат на тоа) кон големите компании во однос на нивните актуелни политики. Ваквата состојба исто така ќе наложува обичниот човек повеќе да го цени корпоративниот идентитет од националниот, нешто што малкумина сакаа да го направат досега. Националните идентитети се консолидираа во текот на многу векови и станаа незаменлив дел од семејствата, културите, традициите и јазиците. За разлика од тоа, корпорациите се релативно нови во царството на политиките на идентитет и не успеаја да се наметнат во животите на луѓето до ист степен. Сепак, неодамнешниот развој на настаните навестува промени во моќта од државата кон корпорацијата.
Во изминатите неколку години, личната информација стана сè поважен комодитет, особено во Европа и во Северна Америка. Но додека поединецот порано очекуваше државата да собира такви информации, денес токму корпорацијата го прави тоа. Западното население релативно беше согласно, со исклучок на скорашниот инцидент на Фејсбук и „Кембриџ аналитика“, да им дозволи на компаниите да собираат огромни количества лични податоци. Во текот на изминатите две децении, компаниите како „Фејсбук“, „Гугл“ и „Амазон“ станаа незаменлив дел од секојдневието на граѓаните од Западот и притоа тие собраа огромно количество информации за корисниците за целите на целното рекламирање. Ваквиот развој на настаните им овозможи на технолошките корпорации да имаат одреден пристап до животот на луѓето за кој може само да сонуваат западните политичари што сакаат победа на избори.
Голем број луѓе ги префрлија своите животи на Интернет во сферите како што се социјалните медиуми, и ако ваквата тенденција продолжи со актуелното темпо, корпорациите како „Фејсбук“ и „Амазон“ би можеле наскоро да поседуваат многу повеќе информации за поединците од западните земји од владите кои генерално ограничено можат да добиваат и да чуваат информации. Во битката за стекнување доверба, лесно може да се замисли како „Епл“ еден ден ќе има подобра шанса од владите да ги убеди поединците да ги поддржат нивните интереси. Ова може да биде од клучно значење за огромната моќ на убедување. Всушност, постојат шанси таа да може да им го отвори патот на корпорациите за на крајот да ја добијат битката за довербата на граѓаните.
Се чини дека државите веќе подготвуваат противнапад на корпоративниот ривал, особено со идејата за воведување закони за недоверба. Судските власти во ЕУ почнаа процеси против големите американски технолошки компании преку такви приоди додека слична дебата се отвори во САД.
Иако светот уште долго нема да биде сведок на натпревар на Светско првенство во фудбал меѓу репрезентациите на „Гугл“ и на „Фејсбук“ наместо на Бразил и на Франција, сепак корпорациите ќе продолжат да навлегуваат во животите на луѓето до степен до кој ќе можат да ја оспорат моќта на државата. Како што покажуваат скорашните правни процедури во ЕУ, веќе се забележуваат првите судири во големата битка меѓу државите и корпорациите, а допрва ќе следуваат уште многу такви.