СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ

Зошто сметате дека токму вие сте најдобриот избор за граѓаните и кои се клучните фундаменти на вашата програма?
На овие избори граѓаните ќе избираат помеѓу два целосно различни концепти и програми. Едната е мојата, која нуди брз и сигурен напредок на земјата преку членството во ЕУ и во НАТО и другиот на Сиљановска, кој нуди блокирање и ревидирање на сите решенија што ни овозможуваат излез од изолација и влез во европските институции. Првпат на едни избори има толку јасни спротивставени понуди и јас верувам дека мојата понуда е далеку поприфатлива за граѓаните од онаа на мојот главен против кандидат. Едноставно, јас нудам конкретни решенија и јасен правец за развој на земјата и обезбедување подобар живот за сите, додека Сиљановска нуди целосна блокада на започнатите процеси и постигнатите договори. Она што е навистина лицемерно во нејзината понуда е дека таа се базира на празни ветувања без притоа да објасни што значи укинување на договорот или ревизија како што вели, кога планира да обезбеди подобар договор со Грција и каков, што во меѓувреме ќе прави нашата земја во изолација. Оттаму сум повеќе од сигурен дека граѓаните ќе ја препознаат искреноста во мојот пристап и можностите што ги нудам, наспроти лицемерната политика на Сиљановска.

Каква е вашата оцена на односите со соседите (Грција, Бугарија, Србија, Албанија, Косово), но и со вкупната меѓународна заедница и големите сили, САД, Русија, Кина, и какви се вашите позиции за градење на меѓународната политика на државата?
Првпат од независноста ние имаме целосно решени спорови со соседите и надминати проблеми. За само две години успеавме од соседите, кои беа кочничари на нашиот напредок, да направиме први сојузници и поддржувачи. Никој ни на сон не веруваше дека ова може да се случи за толку кратко време. Односите никогаш не биле подобри, а договорите што ги постигнавме со Бугарија и со Грција се историски и од исклучителна важност за напредокот на земјата. Веќе отвораме силна економска соработка и со двете земји, се поврзуваме инфраструктурно и градиме здрави партнерски односи. Истото важи и за Косово и за Албанија, односите се стабилни и се развиваат. Македонија денес е почитувана земја и за неа се говори со восхит меѓу светските политичари. Односите не се добри само со Европската Унија и со САД, кои беа и остануваат главни поддржувачи на нашата земја, туку и со Русија и со Кина. Русија веќе нѐ призна под новото уставно име додека економската соработка продолжува да расте. Земено во целина, Македонија никогаш подобро не стоела во меѓународни рамки и оваа позиција само ќе се зајакнува.

Како замислувате да бидете претседател на сите граѓани, како да се дистанцирате од ставовите на партиите и да дејствувате натпартиски, кога во земјата постои длабока партиска поделеност на што укажуваат редица релевантни институции домашни и меѓународни и, со други зборови, кој е вашиот рецепт за надминување на длабоката политичка поларизација на државата?
Ова е една од моите главни заложби и ветувања за што имаме јасен план како ќе го реализирам. Јас не сум член на ниедна партија, а кандидатурата од СДСМ и коалицијата ја прифатив затоа што верувам во насоката во која тие ја водат земјата. Ова не значи дека целосно се согласувам со сите политики и остро ќе критикувам сѐ што сметам дека не е во интерес на граѓаните. Јас ќе бидам коректор на власта, но и на сите политички партии ако некогаш заземат погрешен курс или водат штетни политики. Мојата улога како претседател ќе биде да бидам гласот на граѓаните и гласот на разумот, но и да бидам медијатор во внатрешните политички односи. Во мојата програма предвидувам редовни средби и форуми со сите партии, но и претставници на невладиниот сектор и бизнис-заедницата, каде што ќе дебатираме за стратегиските прашања што нѐ засегаат сите. Знаете, Македонија никогаш досега не изгради национален консензус околу стратегиските прашања. Партиите секогаш ги користеа сите прашања за дневнополитички цели. Јас ќе се залагам да изградиме национална стратегија за најважните теми од интерес за напредокот на земјата, само така можеме да напредуваме без разлика која партија е на власт.

Ваша оцена за степенот на демократијата и слободата на медиумите во Македонија, борбата со корупцијата и непотизмот, односно за сите забелешки што се посочуваат во извештаите за нашата држава и какво е вашето согледување за да се поправат состојбите?
Состојбите се подобруваат, особено би рекол во сферата на слободата на медиумите и говорот, нивото на демократијата во целост. Имаме напредок и во делот на борбата со корупцијата. Новата антикорупциска комисија влева многу надеж и се надевам дека ќе продолжи независно и успешно да работи. Сепак има области каде што се потребни реформи како судството и администрацијата. Верувам дека реформите значително ќе се забрзаат по отворањето на преговорите со Европската Унија и затоа многу силно го поддржувам овој пат на нашата земја. Но не треба да чекаме Европската Унија да нѐ забрзува на овој пат туку треба да почнеме што поскоро и побрзо да ги решаваме проблемите дома.

Во кампањата клучна тема се дебатите поврзани со Преспанскиот договор, иако во предизборието доминираат и други теми како иселувањето на населението и економските прашања, кои, всушност, не се области во надлежност на претседателот. Како ги објаснувате вие овие две работи?
Иако претседателот нема надлежности во тие теми што ги споменувате, тој има активна улога во домашната политика и комуникација со власта и со партиите. Како што реков пред малку, тој е коректор на власта и глас на граѓаните. Оттаму сите теми што се од интерес на граѓаните треба да бидат од интерес на претседателот и во рамките на своите можности тој да има позитивен придонес. Така што не се согласувам дека претседателот треба да зборува само за своите надлежности, тој треба да биде информиран и да има став за сите важни теми во општеството и да поттикнува позитивни промени.

Што би претставувало за вас успех во првиот круг на изборите во смисла на бројот на гласови и одзив и каква е вашата дефиниција за кристално чисти избори?
За да добиеме препорака за почеток на преговорите со ЕУ, многу е важно да имаме чисти избори. Чисти избори значат почитување на сите демократски начела и закони како и позитивни извештаи од меѓународните мониторинг-агенции. Јас водам чиста и фер кампања, апсолутно не се злоупотребуваат државните ресурси за самата кампања и се придржуваме до сите пропишани закони. Само вака може да докажам дека на ист начин и ќе работам ако бидам избран за претседател. Што се однесува до резултатот, јас очекувам чиста победа во првиот круг и убедлива победа во вториот. Исто така очекувам дека граѓаните масовно ќе излезат на гласање бидејќи овие избори се многу важни за иднината на земјата.

Екипа на „Нова Македонија“