Славица Петровиќ Тодорова неодамна ги израдува младите читатели со својата стихобоенка, насловена „До небото вишно“. Ова издание претставува вистинско освежување во литературата за деца поради иновативниот пристап на авторката кон учењето и дидактичкиот карактер на стихобоенката преточен во поетски творби.
– Во овој алманах на поетски творби се презентирани извонредни пораки за хуманоста, развивањето на еколошката свест, почитта кон националните и верските празници, здравите навики, убавините на природата, почитувањето и прифаќањето на различностите… Со толку љубов и креативност е изграден мозаик од 30 песни со 30 илустрации – боенки, кои заедно сочинуваат еден бисерен ѓердан – вели проф. Соња Деловска во својата рецензија кон изданието.
Според проф. д-р Наташа Чичевска Јованова, стихобоенката „До небото вишно“ од Славица Петровиќ Тодорова претставува освежување во литературата за деца, претставува компилација на поезија и ликовна уметност.
Согледувајќи ја потребата за иновативен пристап во учењето, а почитувајќи ги методските принципи за различните начини на учење, Славица Петровиќ Тодорова успеала преку поетскиот израз да ја пренесе суштината на воспитно-образовната работа. Стилот на Тодорова е приспособен на возраста на децата, а стиховите се лесни и римувани. По секоја песна, децата имаат можност да работат на боење илустрација што се однесува на прочитаната песна и на тој начин полесно да ја разберат и да ја запомнат песничката.
Со стихобоенката „До небото вишно“ е овозможена корелација на повеќе наставни подрачја. Ваквиот начин на презентирање на содржините е од особена важност за развојот на творечката фантазија и мисловните процеси, а наедно е и добра вежба за развојот на фината моторика кај децата.
Желбата на авторката е „на јазикот на децата секој со секого да зборува“ и да се надмине јазичната бариера што ја наметнуваат возрасните. На промоцијата на стихобоенката, освен на македонски, стиховите беа рецитирани и на српски и на албански јазик.
Наскоро се очекува и преводот на целата стихобоенка на српски и на албански јазик.