Северноатлантската алијанса, најмоќниот воен сојуз во светот, беше формирана пред 70 години, како резултат на ужасите од Втората светска војна, и имаше цел да ја спречи советската закана на Сталин и да ги обедини Западна Европа и САД.
Успехот на нејзината моќ за спречување е евидентен во реалноста: првата борбена мисија на НАТО следуваше веднаш по распадот на Советскиот Сојуз. За време на Студената војна, НАТО успешно ја бранеше Западна Европа со американските нуклеарни оружја, како што се вели според историјата на Алијансата.
Откако договорот официјално беше потпишан на 4 април од страна на 12 сили, НАТО сега има 29 држави и притоа настојуваше да се прошири со поранешните советски држави што се граничат со Русија што ја налути Москва.
Силите на Алијансата сега се во конфронтација со Русија, која под власта на претседателот Владимир Путин насила го анектира Крим од Украина во 2014 година. Руската војска наводно развива неуништливи ракети, кои можат да се движат пет пати побрзо од брзината на звукот, како и смртоносно торпедо што може да озрачи цел океан.
Во продолжение следува преглед на шесте најголеми кризи со кои се соочи НАТО и беа на раб да ескалираат во војна или во конфликт.
Со поддршка на Советскиот Сојуз, Источна Германија подигна ограда со боцкава жица по должина на поделениот Берлин во 1961 година.
Американците распоредија тенкови на својата страна од берлинскиот контролен пункт наспроти источногерманската војска, што ги натера Советите да го сторат истото тоа. Постоеја големи стравови дека може одеднаш да избие судир меѓу суперсилите.
Ќор-сокакот во односите мирно се реши, но Берлинскиот ѕид постоеше и во наредните 28 години.
Во октомври 1962 година, американскиот шпионски модел „у-2“ направи фотографии како на Куба се градат бази за советски ракети.
По неколкудневните тајни консултации, претседателот Џон Ф. Кенеди наметна поморска блокада околу Куба за да ја спречи испораката на советските бродови.
Советскиот лидер Никита Хрушчов се согласи да ги повлече ракетите доколку за возврат САД не ја нападнат Куба, како што се случи една година претходно во катастрофата во Заливот на Свињите. САД исто така тајно се согласија да ги отстранат нуклеарните ракети стационирани во Турција, која е членка на НАТО.
Секаков конфликт меѓу САД и СССР најверојатно ќе резултираше со вмешување на НАТО во согласност со договорот за заедничка одбрана на Алијансата.
Во 1983 година, огромна воена вежба на НАТО речиси ќе предизвикаше нуклеарна криза
За време на воената вежба „Искусен стрелец 83“, офицери на НАТО се подготвуваа за нуклеарен напад како дел од симулација на војна, во која учествуваа 40.000 сили. Воените вежби ги поттикнаа руските стравови дека САД и НАТО можеби ќе извршат превентивен нуклеарен напад за да ги ликвидираат советските лидери, а како одговор, СССР подготви дел од своите нуклеарни сили.
Во 1995 година, НАТО изврши воздушни напади врз босанските Срби, со кои се стави крај на војната во балканската држава.
Босанските Срби предводени од Радован Караџиќ извршија офанзива за етничко чистење во Босна и Херцеговина, чија цел беа босанските муслимани.
Нападите ги натераа ООН да воведат зона на забранети летови, која НАТО ја спроведуваше. Во февруари 1994 година, авиони на НАТО соборија четири српски воени авиони, што беше првата борбена операција во историјата на НАТО.
Српските сили го извршија масакрот во Сребреница во јули 1995 година, во кој беа убиени околу 8.000 цивили. НАТО возврати со бомбардирање, кое траеше околу еден месец. Дејтонскиот договор, со кој се стави крај на војната во Босна, беше потпишан во ноември 1995 година.
Нова криза на Балканот, овој пат на Косово, предизвика бегалска криза и масовни убиства.
Овој пат без одобрение на Советот за безбедност на ООН, НАТО ја спроведе 78-дневната офанзива во 1999 година против српските сили, кои ги извршија повеќето од масовните убиства.
Борбените авиони на НАТО извршија 38.000 напади, поради што Србите под власта на претседателот Слободан Милошевиќ ги повлекоа своите сили од Косово.
Српските сили соборија два авиона на НАТО во текот на операцијата, поточно еден невидлив борбен авион на американските воздухопловни сили, марка „ф-117“, на 27 март, и „ф-16“ на 2 мај 1999 година, со кој управуваше потполковникот Дејвид Голдфин. Голдфин, кој стана генерал, е актуелен шеф на кабинетот на воздухопловните сили.
Мировниците на НАТО сè уште се распоредени на Косово.
По терористичките напади на САД од 11 септември 2001 година, НАТО првпат во својата историја се повика на клаузулата за самоодбрана.
Членките на НАТО ги формираа Меѓународните сили за безбедносна помош (ИСАФ) за да ги поразат Талибанците во Авганистан каде што Ал каеда ги обучуваше своите борци.
Мисијата на НАТО продолжува како операција „Решителна поддршка“, иако САД сакаат да преговараат за излез од 17-годишната војна. Двајца припадници на американската војска беа убиени во Авганистан овој месец, па годинава има најмалку четворица, а вкупно 65 загинати од јануари 2015 година.
Подготвила:Билјана Здравковска
[email protected]