Во едната рака Зоки стега два денари, а со другата ја држи Лидија.
– Што сакаш да ти купам, Лиде. Имам многу пари – вели тој. – Сè би направил за мојата пријателка.
– Сакам панделка – вели Лидија – и црвена, и бела, и жолта, и зелена, и сина, и…
– Нема таква панделка – вели Зоки.
– Има.
– Нема. Јас знам повеќе од тебе.
– Ти ништо не знаеш – вели Лидија – а и не сакаш да ми купиш.
– Посакај друго – вели Зоки – веднаш ќе ти купам!
– Сакам гума. И црвена и жолта и бела и зелена.
– Ех, ех, нема ни таква гума.
– Има.
– Нема. Посакај друго!
– Сакам јајце зелено, и црвено…
– Пак и зелено и црвено и сино? Нема! Друго, друго!
Лидија веќе се лути, но пак вели:
– Сакам зелено, сино, бело, жолто… Тоа сакам.
– Тоа не може да се купи – вели Зоки. – Што сакаш ти поправо?
– Сакам сè – вели Лидија. – Сè, сè зелено, сино, бело, жолто… И веќе сака да плаче.
– Како сè, сè? Сè што лета, сè што оди, сè што има? Сиот свет?
– Да – вели Лидија – сиот свет зелен, црвен, жолт, син…
Зоки најпосле се досетува.
Одат во еден колонијален дуќан. Зоки ги подава двата денари и вели:
– Чичко, сакам да го купам сиот свет. За Лидија.
– Како? – прашува продавачот.
– Сиот свет жолт, син, зелен, црвен… – вели Лидија.
– Ќе плаче ако не ѝ купам – објаснува Зоки.
– Добро – вели продавачот и им завиткува нешто во една хартија. – Еве!
Децата излегуваат надвор.
Во хартијата има две шарени бонбони. Лидија ни најмалку не е изненадена. Веднаш го грабнува едното бонбонче и го става в уста. Другото го зема Зоки.
Децата сега шлапкаат со устите, лижејќи ги бонбончињата.
Најпосле Лидија вели:
– Леле, Зоки, ама е сладок сиот свет! Да го изгризам ли?
(Од книгата „Зоки Поки“ на Оливера Николова)