Објавите на социјалните мрежи со кои се нудат услуги за изработка на сите видови интелектуални и академски трудови, деновиве предизвикаа лавина реакции и вознемирија многу интелектуалци, кои со сопствен личен ангажман и вложен труд, со сопствени постигнувања, залагања и знаење се избориле за своите образовни достигнувања. Во нивните реакции се изразува загриженост за иднината на земјава, за идните генерации, за девалвирањето на одредени вредности во општеството
Едукацијата „на дистанца“ во пандемиски услови штанца (не)легални начини во образовниот процес
На социјалните мрежи повторно зоврива атмосферата во врска со теми од образованието, но овој пат од еден сосема подруг агол. Имено, поттикнати од учењето и полагањето „на дистанца“, енормно се зголеми понудата за изработка на семинарски и проектни задачи, за професионална изработка на едукативни трудови според академскиот стил на пишување (ЕКТС), за изработка на трудови од сите научни области, како што се дипломски трудови, магистерски, семинарски, проектни задачи, истражувачки проекти, есеи, па дури и изработка на бизнис-планови, кратки резимеа за образованието, кариерата, квалификациите, мотивациски писма и што ли уште не.
Купувањето интелектуален труд, тренд во пораст
Една ваква објава со страница за контакт и меил со оние што ги даваат услугите, деновиве предизвика лавина реакции и вознемири многу интелектуалци, кои со сопствен личен ангажман и вложен труд, со сопствени постигнувања, залагања и знаење се избориле за своите образовни достигнувања. Но не само вознемиреност, кај овие интелектуалци, според нивните објавени статуси, изразена е и загриженост за иднината на земјава, за идните генерации, загриженост за девалвирањето на одредени вредности во општеството. Некои од нив прашуваат дали има цена човечкиот живот ако треба пациентот да го лекува лекар што нема никакво знаење и купил диплома.
„Омаловажување, плукање и исмевање на сиот труд што го имаме вложено и што уште го вложуваме. Затоа државата е на ова дереџе и, за жал, уште полошо ќе станува“, гласи коментарот на Весна Гасовска Габелоска, кој го има оставено под објавата за нудење услуги за изработка на едукативни трудови.
Во еден напис, кој е потпишан од Горан Николич, се вели: „Можеби грешам, ама не гледам ништо лошо во тоа што смислиле некаков начин да заработат некоја паричка плус… Лошото го гледам во тоа што постојат еден куп средношколци, студенти, дипломци итн. што би го одбрале овој начин, да си купат отколку да си изработат, а за тоа проблемот лежи многу подлабоко од оваа страница“.
Ленче Димшоска, пак, пишува: „Има и полошо… професорите што им се ментори им нудат тие за пари да им ја напишат дипломската или магистерската што треба кај нив да се одбрани“.
Реакција и од Министерството за образование (МОН)
Прашавме во Министерството за образование и наука дали имаат сознанија за ваквата појава со купување научни трудови и кој е нивниот став по ова прашање.
– За фалсификување документи врз основа на кои се остварува одредено право ве упатуваме за одговор во Министерството за внатрешни работи. Што се однесува на справувањето со плагијати, МОН обезбедува поддршка за високообразовните установи и наставниот кадар преку алатката plagijati.mk. Во согласност со Законот за научноистражувачка дејност, софтверот plagijati.mk е задолжителен за сите магистерски, специјалистички и семинарски трудови, кои мора да бидат внесени од страна на менторот, односно професорот. Со ова се формира централна база на податоци на овие трудови, која може потоа да се користи за откривање плагијати. Овој систем е алатка што им помага на менторите од базата на магистерски, специјалистички и семинарски трудови полесно и побрзо ги најдат документите од кои е преземен некој текст, односно се појавува плагијаторство. Откако ќе се изгенерира извештајот од страна на софтверот, менторот треба да го разгледа тој извештај и да одлучи дали тој труд е плагијат или не. Секоја високообразовна институција има правилник според кој точно се дефинирани критериумите за изработка на трудот и во него е дефинирано како се преземаат цитатите и на кој начин се наведува изворот на преземениот цитат, за да, во спротивно, не се смета како појава на плагијаторство – објаснија од МОН.
Проф. Давитковски: Неписмени луѓе ќе одлучуваат за нашите права и обврски
Но видни професори тврдат дека никој не реагира на ваквата појава, иако во државава има многу органи и тела.
– Кога се дозволи државава да има 22 правни факултети, да не речам секое село да има правен факултет. Едноставно има луѓе што знаат да ја искористат конјуктурната ситуација во моментов и да печалат пари. Еве пример со пандемијава, сѐ е на приватна основа, проверка на крв, тестови, а имаме бесплатно здравство и сѐ си плаќаш. Паметни луѓе искористија, седат дома, за 50 евра пишуваат семинарски работи, за 100 евра магистерски трудови, едноставно тоа е нашиот систем. Никој не реагира, имаме МОН, имаме Просветен инспекторат, имаме многу државни органи и тела што треба да штитат, никој не реагира. Што да правиме, јас гледам ми се смеат сите, јас ги враќам, имам по седум-осум менторства годишно, бидејќи ги читам сите тези гледам кое е препишано, кое е напишано, но има луѓе едноставно не ги гледаат така работите и поминуваат. Имаме одбор за акредитација, одбор за евалуација, просветна инспекција никој ниту реагира ниту му е гајле. Имаме медицински факултет во Штип, во Тетово, имаме и клинички центри, има, ама за обична брадавица ги праќаат во Скопје. Карикатура направивме од високото образование и јас сум иритиран и многу сме иритирани, се дозволија што „диви“ што „питоми“ факултети, никој не реагира, се даваат дипломи, се вработуваат луѓе. В година одам во пензија и не сакам повеќе да бидам актер во сево ова што се случува, неписмени луѓе да одлучуваат за вашите права и обврски – вели професорот Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје, кој изрази видна разочараност поради сево ова во образованието.
Неговото мислење го делат и други интелектуалци, кои изразуваат згрозеност од вреднувањето на интелектуалниот труд во земјава.
– Се прашувам до каде со ова? Зарем не е срамота? Просветлете ме и кажете ми дали има помизерна земја во однос на вреднување на интелектуалниот труд од нашава? Згрозена сум, одвратно ми е, се срамам што воопшто постои ова… Со вакви платени дипломи неписмени наставници ќе ни ги учат децата, неучени лекари ќе нѐ лекуваат, необразовани лидери ќе нѐ водат…. Нам не ни треба некој однадвор да нѐ уништи. Ние сами се уништуваме. Свесно – вели Елизабета Дамева, професорка по француски јазик.