Црна Гора не нуди само море и сончање туку и нешто повеќе во споредба со другите земји од регионот. Ние сме мала територија, која има содржини за сите категории туристи, велат туристичките организации од ЦГ
Црна Гора е меѓу најбрзите растечки туристички дестинации во светот. Оваа мала земја сместена на јужниот дел од Јадранско Море во изминатите години беше идеално место за летување на море, за активен одмор во природа и во национални паркови, како и дестинација за странските државјани како нивни втор дом. Голем број Руси, а во последната година и Турци Црна Гора ја гледаат како идеална место за купување недвижности во некое од атрактивните туристички места. По овој туристички бум црногорските хотелиери повторно се враќаат на македонскиот пазар како потенцијална можност за привлекување нови гости.
Во Црна Гора од Македонија престојувале 65.000 гости, кои оствариле 160.000 ноќевања. Црногорските туристички оператори годинава очекуваат уште поголем број за што говорат и годинашните показатели за остварените ноќевања, кои се за 30 проценти повисоки во однос на истиот период лани. Во таа насока беше и минатонеделната манифестација, која се одржа во Скопје под наслов „Род шоу 2018“ во организација на Амбасадата на Црна Гора во Македонија и на Туристичката организација на Тиват. Посебен акцент беше ставен на промоција на природните убавини и туристички потенцијали на бисерот на црногорското приморје – заливот Бока Которска.
– Македонците се наши традиционални пријатели и секогаш се добредојдени гости во Црна Гора. Од маркетинг-агенција од Шпанија, која работеше на новата туристичка стратегија ни беше посочено дека црногорските туристички агенции во привлекувањето нови гости треба да се насочат кон регионалниот пазар. Поради близината и сличноста во јазикот и навиките на луѓето во Црна Гора и земјите од регионот, најмногубројни се гостите од Србија, Босна и Херцеговина и секако од Македонија. Ние сме мала територија, но имаме развиена понуда за сите видови туристи. Од оние со поскромни можности до оние што имаат повисоки барања. Црна Гора не нуди само море туку и нешто повеќе во споредба со другите туристички земји. Тоа се приградските градови полни со историски објекти и знаменитости, многубројните музички и културни настани, петте национални парка, кои се во близината на морето, етно-села во кои гостите можат го почувствуваат духот на црногорската традиција – вели Матеа Матан, асистент во Националната туристичка организација на Црна Гора.
Со изградбата на модерни сообраќајници патувањето до црногорското приморје за македонските граѓани станува брзо и безбедно и без поголеми задржувања на граничните премини. Од Македонија до Црна Гора може да се стигне за 6,5 часа. Исто така, има и редовна авионска линија од Скопје до Тиват.
Цените за сместување за годинашната сезона во ЦГ се пристапни за македонските потрошувачи и се приспособени за различните платежни можности на туристите. Висината на износот за изнајмување кревет во приватното сместување се на ланското ниво и се движат од шест евра, а во хотелите со две и три ѕвезди од 15 евра, до 30 евра во хотелите со четири ѕвезди и се однесува за ноќевање со појадок.
Цените за туристичките услуги за оваа летна сезона се различни во зависност од градот во кој се престојува. Билет во градски превоз во приморските градови се движи од 0,70 до две евра, цената на такси-превозот изнесува од 0,9 до две евра за старт, а цена за изминат километар е 1,60 евро во Херцег Нови. Цената на кафето е различна во зависност од објектот и од градот. Во Тиват чини од едно евро до 1,80, во Котор од 0,90 до 2,50 , во Будва од 1,20 до 1,80, а најевтино е во Бар и во Улцињ од 0,50 до едно евро. Храната во рестораните за брза храна е малку повисока од оние во Македонија, и за еден оброк треба да се одвои од 1,50 до пет евра во Будва, која важи за најскапа туристичка дестинација во Црна Гора.
За македонските туристи значителен издаток претставува изнајмувањето чадори за сонце и лежалки за што треба да се плати од пет евра на градските плажи до 100 евра во луксузниот комплекс Свети Стефан.
Она што го прави заливот Бока Которска посебно привлечен за туристите е што тие за еден ден можат да бидат на море и некаде на планина.
Во ова посебно се издвојува Херцег Нови, кој нуди разновидна туристичка содржина за гостите. Тоа е град на историјата и град на културни манифестации од најразличен вид. Гостите можат да уживаат во престојот на море, да пробаат домашна кујна во вистински традиционален амбиент и да ги посетат манифестациите што се наменети за различни генерации – вели Далибор Вуковиќ, менаџер за развој во Туристичката организација на Херцег