Од половина евро до четири евра, во зависност од видот на сместувањето, ќе бидат повисоки цените во Грција во изнајмените апартмани и хотелите, поради новиот данок на престој што стапи во сила на почетокот на годинава. Претседателот на грчката федерација на хотелиери и претседател на Сојуз на хотелиери од Халкидики, Григорис Тасиос, за МИА објаснува дека оваа туристичка такса се однесува за соба, а не по лице и затоа се вика данок на престој, а не данок за ноќевање.
– Данокот на престој е на товар на туристите со нивното пристигнување. Се однесува и на хотелите и на изнајмените апартмани и соби. Висината е во зависност од категоријата. Половина евро за изнајмените соби и апартмани и за хотелите од 1 и 2 ѕвезди, 1,5 евра на ден во хотелите со 3 ѕвезди, 3 евра за 4 ѕвезди и 4 евра во хотелите со 5 ѕвезди – објаснува Тасиос за МИА. Како што јави дописничката на МИА од Атина туристичката такса, односно данокот на престој, беше изгласан на 22 мај 2016 заедно со други мерки во висина од 1,8 милијарди евра, кои беа дел од обврските на Атина кон кредиторите, а одлуката беше да стапи во сила на 1 јануари 2018 година.
Македонските туристи што планираат викендите или, пак, летните одмори да ги поминат во Грција, ќе треба да ги земат предвид и патарините кај јужниот сосед. Засега, за Халкидики и за Солун, постои само една патарина, веднаш по преминувањето на границата на грчка страна, во висина од 1,80 евро.