Во 2016 година романот ја добива наградата „Гонкур“ и набргу станува бестселер со над 450.000 продадени примероци
Издавачката куќа „Антолог“ најавува дека во рамките на проектот „Биди свој, биди ЕУ!“, во соработка со „Галимар“, најголемата издавачка куќа од Франција, ја објави книгата „Совршената дадилка“ од француската писателка Лејла Слимани (во превод на Владо Ефтимов). Книгата е објавена во новиот изглед на едицијата „Бранови“, со истакнување на името на преведувачот на насловната страница, што е вистинска реткост во нашата држава, а е актуелен тренд во некои од земјите од Европа и од светот.
– Во годината кога прославуваме 20 години од постоењето на издавачката куќа „Антолог“ решивме да воведеме одредени нови трендови и критериуми во работењето.
Еден од нив е исписот на преведувачите на предната корица во некои од изданијата.
Цениме дека еден од начините да ги поддржиме и да ги промовираме преведувачите и преведувањето како авторски чин е и овој гест. Затоа, секогаш кога станува збор за навистина квалитетни и потврдени преведувачи, но и за дела што се вистински предизвик за превод, името на преведувачите ќе се најде на насловната страница.
Нема подобар почеток за оваа нова практика кај нас од книгата „Совршена дадилка“, најголемата книжевна и вонкнижевна сензација и феномен во француската литература и култура во последните неколку години – велат од „Антолог“.
Во 2016 година романот ја добива наградата „Гонкур“ и набргу станува бестселер со над 450.000 продадени примероци. Лејла Слимани (1981) е француско-мароканска писателка и новинарка. Родена е во Рабат, Мароко. Дипломирала на Институтот за политички студии во Париз. Привремено сакала да биде актерка. Работела како новинарка во списание. Во 2017 година е именувана за личен претставник на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за промоција на франкофонијата.