Филмот „Последните камбани“, кој својата премиера ја имаше на Светскиот филмски фестивал во Монтреал и наедно ја освои првата награда за најдобар краток филм, продолжува со нови фестивалски прикажувања. По неодамнешното учество во официјалната меѓународна конкуренција на Филмскиот фестивал во Силхет, Бангладеш, овој месец следува негово прикажување на годинешниот „Скопје филм фестивал“, а потоа и на фестивалот на нем филм, кој ќе се одржи во Медисон, во сојузната држава Висконсин, САД.
Фестивалскиот живот на „Последните камбани“ продолжува и со официјалната, меѓународна конкуренција на фестивалот на краток филм „Фастнет“, кој ќе се одржи од 23 до 27 мај во Шул, Република Ирска, а во меѓувреме е потврдено и учество на Меѓународниот фестивал на краток филм и анимација во Санкт Петербург, кој започнува на 1 мај . Продуцентот на филмот Гоце Кралевски информира дека во моментов се чека потврда за уште неколку нови фестивалски учества и промоции. – Многу се радувам на овој фестивалски живот на „Последните камбани“ и сметам дека е еден од вистинските начини за промоција на македонскиот филм низ светот – изјави Кралевски. „Последните камбани“ е во продукција на „ДНФ филмс“. Режисер и сценарист на филмот е Николче Поповски, а главната улога ја игра Мето Јовановски. Директор на фотографија е Фејми Даут. Поддржан е од Агенцијата за филм на РМ.