Британскиот весник „Гардијан“ направи листа на 13 нови европски музеи што мора да се посетат. Меѓу нив се најде и Музејот на современата уметност од Белград, кој котира на осмото место на листата. Во текстот насловен „Убава уметност или дрзок дизајн?“, авторот Вил Колдвел го опиша МСУ од Белград со следните зборови: „Беше затворен поради реновирање од 2007 до 2017 година, но минатиот октомври повторно беше отворен за јавноста. Модерната зграда од 1965 година има фасцинантна геометриска фасада (сега реновирана) и содржи најголема колекција на југословенската уметност, вклучувајќи дела од Петар Добровиќ и од Милан Коњовиќ“. На прво место Колдвел го препорачува музејот „Блокс“ во Копенхаген, пространа нова градба во облик на коцка на данското пристаниште.
– Планирано е комплексот „Блокс“ да се отвори напролет и да содржи сѐ, станбен простор, ресторани и простор наменет за културни случувања. Овој комплекс ќе биде нов дом на Центарот за данска архитектура, каде што ќе се одржуваат изложби посветени на урбаниот развој, архитектура и дизајн – пишува „Гардијан“. Светлосното ателје во Париз е наведено како прв дигитален уметнички центар во францускиот главен град. – Со помош на 120 видеопроектори и светлечки ѕидови, високи 10 метри, ќе ги оживее класичните ремек-дела. Ателјето се отвори на 13 април, со изложба на Густав Климт и виенската сецесија – пишува „Гардијан“.
Меѓу 13-те уметнички изложбени простори што мора да се видат се најде и музејот на уличната уметност „Ласлоодс“ од Амстердам – најголемиот од таков вид во светот, со портрет на Ана Франк од 24 метри на надворешниот ѕид, потоа Музејот на убави уметности во Валета, кој се отвора во јуни, реновираниот Народен музеј на Шведска во Стокхолм, кој по пет години пауза ќе биде отворен за јавноста на 14 октомври, Националниот музеј на современата уметност во Атина, кој ќе биде готов кон крајот на годинава, по повеќе од една деценија финансиски и бирократски пречки, Музејот на убави уметности во Будимпешта, кој беше реновиран три години и во ноември ќе ја отвори величествена Романска сала, крило со фрески што 70 години беше затворено за јавноста.
а листата се и Колекцијата на Роберт Казамонти од Фиренца, првата современа уметничка галерија во колепката на ренесансата со дела од Ворхол и Пикасо, Центарот Гилјаровски во Москва, кој го носи името на Владимир Гилјаровски (1855-1935), рускиот новинар и писател, хроничар на револуционерната Москва, уметничкиот центар ЛУМА во Арл, во кој доминира кулата висока 56 метри на архитектот Френк Гери, со ателјеа и изложбени простори сместени во некогашната фабрика на железницата. На крајот на листата на „Гардијан“ се најде фондацијата „Лафает“ од Париз, индустриска петкатница во Маре, која нуди уште еден амбициозен и модерен уметнички простор. Отворена во март, оваа фондација е прв мултидисциплинарен центар од ваков вид во Франција во кој ќе бидат претставени мода, дизајн, визуелна уметност и перформанс. Се отвора на 30 април.