ПСЖ го победи Киелце на гости со 35-28, Монпелје претходно ремизира на гости кај Фленсбург (28-28), а синоќа Нант играше дома со Скјерн, во првите мечеви од четврт-финалето на ЛШ
Ракометарите на францускиот гигант ПСЖ го прегазија на гости полскиот првак Киелце со 35-28 (22-10) во првиот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите (ЛШ), резултат што им ветува трет едноподруго пласман на фајналфор-турнирот во Келн.
Избраниците на тренерот Талант Душебаев со игра парираа само десетина минути (дотогаш беше 4-4), по кои следуваше фуриозна игра на Французите, кои направија серија од 11-2, а до крајот на полувремето стигнаа на плус 12 (22-10). Полјаците во средината од вториот дел ја намалија предноста на 22-27, но избраниците на Нока Сердарушиќ се созедоа и не дозволија да си ја искомплицираат ситуацијата, па мечот го завршија со седум гола предност (35-28). Сезонава француските тимови учесници во ЛШ, ПСЖ, Монпелје и Нант се пред историска шанса, сите три екипи да обезбедат пласман на завршниот турнир во Келн.
Монпелје остана непоразен во првиот четвртфинален дуел со Фленсбург (28-28), а синоќа своја шанса за позитивен резултат и чекор напред кон Келн имаше и тимот на македонскиот капитен Кирил Лазаров, Нант, кој во четврт-финалето за противник го има данскиот првак Скјерн.