Тешко е да се процени комерцијалната вредност, бидејќи станува збор за трето ниво на конкуренција. Но, меѓународните натпревари би им биле од голема полза за да напредуваат како клубови, но и да ги претстават своите играчи, рече Ањели, претседателот на ЕКА
Третото клупско фудбалско европско натпреварување ќе има мала комерцијална вредност, но, сепак, ќе биде многу важно за помалите тимови, истакна претседателот на Европската клупска асоцијација (ЕКА) и претседател на Јувентус, Италијанецот Андреа Ањели, на конференцијата во Мадрид.
Европската фудбалска унија (УЕФА) даде зелено светло од сезоната 2021/2022 да се воведе ново, сѐ уште неименувано натпреварување со 32 екипи, покрај постојните, Лигата на шампионите (ЛШ) и Лига Европа (ЛЕ).
– Тешко е да се процени комерцијалната вредност, бидејќи станува збор за трето ниво на конкуренција. Но понекогаш мораме да ги слушаме и другите клубови-членови на ЕКА што сакаат да играат повеќе натпревари. Меѓународните натпревари би им биле од голема полза за да напредуваат како клубови, но и да ги претстават своите играчи – рече Ањели.
Претседателот на Јувентус изјави дека првично се дискутирало за проширување на ЛЕ од 48 на 64 тима, но заедничкиот заклучок бил дека тоа би му наштетило на тоа натпреварување, кое „води нерамна комерцијална борба со ЛШ“. Решението е намалување на бројот на клубовите во ЛЕ, и во трите европски натпреварувања да има по 32 клуба, вкупно 96.
– Сакаме повеќе рамнотежа во овој фантастичен спорт бидејќи тој и понатаму е најубавиот спорт во светот. Треба да размислиме за тоа што сакаме да им оставиме во наследство на нашите деца. Фудбалот многу напредуваше последнава деценија во секој поглед – вели Ањели.
За форматот на новото натпреварување уште се дебатира. Постојат некои индиции дека би бил сличен, но не и директна замена на поранешниот Куп на победниците на куповите, натпреварување во кое учествуваа победниците во националните купови, почнувајќи од сезоната 1960/61, односно две сезони подоцна под закрила на УЕФА. Тоа натпреварување опстојуваше до 1999 година, по што се спои со Купот на УЕФА, а потоа се преименува во Лига Европа.
Можно е тоа да биде своевидна Лига на шампиони (ЛШ) во мало, со тимови од послабите национални лиги во Европа што би им одело во прилог на земји како што е Македонија чии претставници натпреварите во европските купови, ЛШ и ЛЕ, најчесто ги завршуваат уште во квалификациите. Исклучок беше Вардар, кој во сезоната 2017/2018, кога се пласира во групната фаза во ЛЕ. Можеби во новото натпреварување би продолжиле екипите што нема да се квалификуваат во групната фаза во ЛЕ?
Од ЕКА велат дека има неколку клучни прашања за решавање. Пред сѐ, како би се одвивале евентуалните квалификации и бројот на тие натпревари, името и брендирањето на натпреварувањето, и јасно, распределбата на парите. Се претпоставува дека со новото натпреварување УЕФА сака да го максимизира комерцијалниот потенцијал на најголемите клубови, но и да ги награди успешните во помалите лиги со настап во континентална конкуренција.