Во објектот „Чифте-амам“ во Старата скопска чаршија при завчерашното потпишување на договорот за доделување грант, за негова санација во висина од 91.000 американски долари, новинарите, претставниците на Министерството за култура, на Управата за заштита на културното наследство и на американската амбасада ги разгледуваа однадвор видливите интервенции за заштита на вредниот споменик на културата направени од јуни годинава.
Во оваа пригода, посочувајќи дека 2018 година е и Европската година на културното наследство, а дека „Чифте-амам“ претставува движно и недвижно културно наследство заштитено со закон, во кое се чуваат колекцијата на најстарите мајстори и дела од бившите југословенски простори и колекцијата на скулптури на Националната галерија на Македонија, директорката на галеријата, Дита Старова Керими, упати и апел до надлежните за расчистување на околината на објектот како негова потенцијална опасност и за она што се чува во него.
– Би сакала да го споменам и катастрофалниот пример на уништување на Националниот музеј во Рио де Жанеиро во Бразил. Овој свеж пример од почетокот на месец септември оваа година нѐ опоменува за нашата постојана обврска функционално да ги одржуваме објектите, особено да вложуваме во заштитата за да не дозволиме неповратно уништување на нашето културно богатство – рече меѓу другото Старова Керими.