Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека Мајк Помпео минатата недела во Северна Кореја се сретнал со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун.
– Мајк Помпео се сретна со Ким Јонг-ун во Северна Кореја минатата недела. Средбата поминала мирно и воспоставени се добро односи – напиша Трамп на Твитер.
Тој додаде дека се работи на детали за претстојниот самит меѓу лидерите на САД и на Северна Кореја.
– Денуклеаризацијата ќе биде одлична за светот, исто така и за Северна Кореја – порача Трамп.
Претходно, „Вашингтон пост“ објави дека Помпео, кој е номиниран за функцијата државен секретар на САД, за време на велигденските празници бил во тајна посета на Северна Кореја и се сретнал со лидерот Ким Јонг-ун. Според весникот, целта на средбата била да се постават основи за директни преговори меѓу Трамп и Ким за севернокорејската нуклеарна програма.
Трамп вчера изјави дека се разгледуваат пет локации за неговата историска средба со севернокорејскиот лидер, која, според него, би требало да се одржи до почетокот на јуни или порано.
На средбата со јапонскиот премиер Шинѕо Абе на Флорида, шефот на Белата куќа изјави дека двете Кореи имаат негов „благослов“ да разговараат за крај на војната. Абе порача дека се воодушевува на храброста на Трамп да се сретне со севернокорејскиот лидер.
– И ние почнавме директни разговори со Северна Кореја – додаде Трамп за време на фотосесијата со јапонскиот премиер.