Бобан Томевски од КК Бравадос и Хрватот Денис Гугиќ со по две први места и по едно второ се најуспешните натпреварувачи на традиционалниот октомвриски меѓународен коњички турнир во прескокнување пречки „Скопје 2019, Меморијален куп д-р Јосиф Наумовски“. На турнирот се одржаа и четвртото и петтото коло од првенството на Македонија за 2019 година.
Во конкуренција на 29 натпреварувачи од Македонија, Србија и од Хрватска, Томевски со грлото „Чарли“ триумфира на височина на пречките до 1,10 метар и до 1,20 м, а до 1,05 м со грлото „Прима Дона“ беше втор.
Гугиќ со грлото „Сие Клаве“ беше прв на 1,25 м, а еднаш прв и втор (со два баража) на висина до 1,25 м. Два подиума, од кои едно прво (1,15 м) и едно второ место (1,20 м), освои Петар Милошевски (КК Бравадос) со грлото „Бравадос“. Едно прво (1,05 м) и едно второ место (1,10 м), освои и Меланија Атанасовска (КК Процес) со грлото „Кактус“.
По едно второ (1,15) и трето место (1,20 м) освои Дарио Гроздановски (КК Анималс) со грлото „Силвано“. Две трети места (1,05 и 1,10 м) освои Самир Реџепи (КК Бравадос) со грлото „Паули“, односно „Тифани“, а Леонида Гроздановска (КК Анималс), со грлото „Делано Лева“ беше трета (1,15 м).