Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва, во 21 часот, во центарот за култура „Григор Прличев“, со премиера на театарската претстава „Мизантроп“ од Молиер, во режија на младата црногорска режисерка Ана Вукотиќ, а во продукција на „Театар комедија“.
– Многу луѓе се во прашалници, бидејќи станува збор за доста сериозен текст, за сериозна комедија. Сметам дека Молиер во сите негови дела е сериозен, но прашањето е како ние ќе го поставиме, како ќе се изразиме актерски. Уверен сум дека публиката ќе биде многу шокирана, бидејќи очекуваат лесна комедија, но не, станува збор за љубовта на човекомразецот или омразата на човекољубецот – вели директорот на „Театар комедија“, Сашо Ристовски.
Играат: Атанас Атанасовски, Александар Михајловски, Столе Мицов, Мирјана П. Ристов, Магдалена Ризова-Черних и др. Драматург е Дарко Јан Спасов, а кореографијата е на легендарната кореографка Соња Вукичевиќ. Сценограф на „Мизантроп“ е Јелена Томашевиќ, костимографијата ја направи Лина Лековиќ, а композитор на музиката е Александар Радуновиќ-Попај.