Дејмон Херимен ќе го игра Чарлс Менсон и во филмот на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“ и во новата сезона на серијата „Ловци на умови“.
Минатата недела беше објавено дека Тарантино конечно го избрал Херимен, познат по серијата „Оправдано“. Иако сѐ уште не е јасно колку Менсон ќе биде важен карактер во филмот „Беше еднаш во Холивуд“, најверојатно Херимен ќе има многу простор да го истражи ликот на познатиот водач на сектата, бидејќи нему му е доверена оваа задача и во новата сезона на „Ловци на умови“ на „Нетфликс“.
Режисерот на серијата, Дејвид Финчер, го избра Херимен долго пред Тарантино, бидејќи сцените со Менсон за новата сезона беа снимени во јули. Не е познато дали Тарантино го избрал откако го видел тој материјал или самиот го пронашол. Во секој случај, Херимен мора да бил неверојатен во толкувањето на Менсон, кога ги убедил и двајцата режисери да му ја дадат улогата.
Во „Ловци на умови“, тој како Менсон има неколку сцени, во интервју со агентите на Еф-би-ај. Втората сезона на серијата е сместена во доцните 1970-ти и раните 1980-ти, што значи дека Херимен ќе биде различен во толкувањето на Менсон. „Еднаш одамна во Холивуд“ се случува во 1969 г., во текот на убиствата, по кои за него дозна целиот свет. Во 1980-тите Менсон е средовечен и во затвор, и во јавноста се појавува само во интервјуа во кои зборува неповрзани работи.
Сѐ уште не се знае кога премиерно ќе се емитува новата сезона на „Ловци на умови“, но бидејќи снимањето уште не е готово, најверојатно прво ќе биде прикажан филмот на Тарантино.