САД наредната година ќе ја заострат стратегиската офанзива против Кина. Вашингтон ќе наметнува царини, санкции и други ограничувања за новите технологии, а ќе го зголеми и военото присуство околу Кина. Пропаѓањето на договорите за контрола на оружјето, пак, ќе ја интензивира трката за вооружување меѓу САД, Русија и Кина, прогнозира американски Стратфор
Се интензивира ривалството меѓу големите сили: САД ќе ја заострат нивната стратегиска офанзива против Кина со наметнување на царини, санкции, регулаторни ограничувања за новите технологии, силна поддршка за Тајван и посилно воено позиционирање во Јужно Кинеско Море. Истовремено, пропаѓањето на договорите за контрола на оружјето ќе ја интензивира трката за вооружување меѓу САД, Русија и Кина. Заострената геополитичка клима ќе создаде стратегиски предизвици за поранливите гранични сили, како Полска и Тајван, но исто така ќе предизвика големи проблеми за средните сили кои сакаат да останат неутрални, како што се Турција, Индија и Виетнам.
Зголемен геополитички ризик за компаниите: Повикувајќи се на безбедносните закани, САД силно ќе притискаат врз Европа, Јапонија, Австралија, Канада, Јужна Кореја и Тајван за да ги засилат бариерите за кинеските инвестиции. Ова ќе влијае врз истражувањата и трговијата во стратегиските области од вештачката интелигенција до воведувањето на 5Г-мрежата на почетокот од 2019 година.
Приоритетот на Кина да биде во чекор со преостанатите во клучните сфери, како што се воздухопловството и развојот на скапите полупроводници, само ќе ги зголеми сајбер-заканите за корпорациите и ќе предизвика поофанзивна американска политика во сајбер-просторот. Покрај тоа, корпорациите ќе треба да се справат со нарушувањето во синџирот на испорака, како и со повисоките цени и тужбите за кражби на податоци.
Трговска нестабилност во светската економија: Американската конфронтација со Светската трговска организација (СТО) би можела да го парализира процесот за решавање спорови, со тоа што ќе ги натера земјите да бидат понепредвидливи во билатералните односи во обидот да ги решат нивните трговски разлики. Канада, Мексико, Јапонија и Јужна Кореја имаат подобри шанси да преговараат за квотите за да ја ублажат заканата од американските автомобилски царини, но трговските преговори меѓу ЕУ и САД се осудени на неуспех. Иако дополнителните американски царини врз Кина ќе ја зголемат трговската неизвесност, сепак релативно слаб ќе биде целокупниот ефект врз светската економија од трговската политика на Белата куќа во 2019 година.
Опасни сценарија за Италија и за брегзит: Непопустливата популистичка италијанска влада ќе биде најголема закана за еврозоната во 2019 година, затоа што расте загриженоста за зголемениот јавен долг на државата и кревкиот банкарски сектор. Финансиските пазари и обврзниците, наместо заканите од Брисел, ќе се докажат дека се најголемата контрола за Рим. Брисел истовремено ќе работи да спречи сценарио за брегзит без договор со Британија, но ветото на британскиот парламент останува да биде најголемата препрека за нормалниот излез од ЕУ.
Наредни чекори во кампањата против Иран: Со наметнатите долгорочни санкции, САД ќе продолжат со својата кампања регионално да го изолираат Иран и однатре да ја ослабат државата. Ова ќе ги зголеми судирите меѓу Вашингтон и Техеран и ќе се намалат и онака малите шанси за конструктивни преговори. Заедничката агенда против Иран ќе помогне да се зајакнат стратегиските врски на високо ниво меѓу САД и Саудиска Арабија наспроти превирањата меѓу кралското семејство и странските влади околу лидерството на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Зголемена понуда на светските енергетски пазари: Саудиска Арабија и Русија внимателно ќе го менаџираат производството на нафта за да спречат драматичен пад на цените додека ги следат ефектите на пазарот од преостанатиот ирански извоз. Исто така, постои потенцијал за зголемување на производството на нафта од Ирак и од Либија и значително олеснување на ограничувањата на извозните капацитети за САД при крајот на годината. Светските пазари за течен природен гас (ТПГ) ќе претрпат промени кога САД ќе го заземат своето место меѓу првите три извозници на ТПГ во светот во 2019 година.