Симболиката со временските услови и студот како да соодветствува со студенилото, празнотијата, апсурдноста на грчките барања и уцени, кои јавноста имаше можност да ги слушне во изминатиот период
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, според најавите вчера попладнето се очекуваше да слета на скопскиот аеродром по одлуката за неговото преименување. Интересна коинциденција, но доаѓањето на Коѕијас се поклопи и со наглата временска промена во Република Македонија. Нашата држава од вчера ја зафати студен бран со врнежи од снег, малку невообичаени за овој дел годината и поради фактот што календарски веќе навлеговме во пролетта.
Симболиката со временските услови и студот како да соодветствува со студенилото, празнотијата, апсурдноста на грчките барања и уцени, кои јавноста имаше можност да ги слушне во изминатиот период. Шефот на грчката дипломатија, Коѕијас, кој доаѓа првпат по 12 години со патнички авион во посета на земјава, според најавите се очекуваше да пристигне во придружба на голем број грчки новинари, кои ќе го следат неговото пристигнување, како и средбите со неговиот македонски колега Никола Димитров, како и со премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како и со претседателот на ДУИ Али Ахмети.
На овие средби што според најавите на македонското МНР ќе ги има Коѕијас со македонските власти ќе се разгледаат грчката и македонската нацрт-спогодба за решавање на наметнатиот спор околу името, кои владите на двете држави ги разменија претходните денови.
Нема официјални детали за тоа што содржат двата документа, но од изјавите на политичарите и неофицијални информации во медиумите може да се препознаат контурите на текстовите. Нацртот, чија подготовка ја водеше Коѕијас, има седум точки – името, опсегот на употреба, јазикот, идентитетот, комерцијалната употреба на името, акронимите и кратенките. Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, прецизираше дека нацртот ги содржи основните позиции на грчката страна во преговорите, односно „потребата да се најде заемно прифатлив договор со сложено име што ќе важи ерга омнес, односно за севкупна употреба, нешто за што предуслов е и соодветна уставна промена.
Македонската верзија, пак, како што рече премиерот Зоран Заев неделава, содржи повеќе формулации на меѓународни договори.
– Затоа што формулациите во делот на името, употребата, широчината, идентитетските прашања, кодовите сѐ уште се на маса за преговори, така што тие се оставени празни со полиња како што се оставени и од грчка страна. Се работи повеќе за технички аспекти на формулација на договорот, но верувам дека на крајот сепак Обединетите нации се тие што имаат најсериозна промеморија на искуство на вакви меѓународни договори – рече Заев.
Тој неколкупати инсистираше дека нацрт-документите се само од помош во процесот на разговорите, а дека главно е тоа што се случува во Обединетите нации под водство на посредникот Метју Нимиц.
Во меѓувреме лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека не бил информиран и консултиран за содржината на нацрт- документот што македонската страна го предаде до грчката влада и наведе дека се работи за соло-игра на Заев, поддржана од министерот за надворешни работи Никола Димитров што претставува уште еден гаф, кој, според Мицкоски, може скапо да ја чини државата.
Ниту претседателот Ѓорге Иванов не бил информиран за содржината на нацрт-документот што е испратен во Атина, потврдија од неговиот кабинет.
– Претседателот Иванов и неговиот кабинет ниту се информирани, ниту биле вклучени во формулирањето на предложениот нацрт-договор до грчките власти, што го обелодени премиерот Заев. Претседателот Иванов не е информиран ниту за нацрт-договорот што Република Грција го доставила до Владата на Република Македонија – велат од кабинетот на македонскиот претседател. Во однос на посетата на Коѕијас, од кабинетот на претседателот Иванов велат дека до нив не е пристигнато барање за средба со шефот на грчката дипломатија, и поради тоа не е планирано претседателот Иванов да го прими министерот Коѕијас.
Според најавите на македонскиот и грчкиот шеф на дипломатијата, Димитров и Коѕијас се очекува по оваа средба во Скопје на 30 март во Виена да имаат и заедничка средба со посредникот на ОН во преговорите за името Метју Нимиц. Во меѓувреме вчера во главниот град стотици граѓани, организирани од неколку патриотски здруженија, излегоа на протест во Скопје поради доаѓањето на Коѕијас во Македонија, зашто, како што велат, оние што ја негираат Македонија не се добредојдени.