Годинава се одбележува стогодишнината од раѓањето на Леонард Бернштајн (1918-1990), американски пијанист, диригент, композитор и педагог, еден од првите музичари од САД закитени со светска слава.
Неговиот живот постојано бил предмет на озборувања. Поради политички обоените говори и активизмот бил следен од ФБИ и обележен како „антиамериканец“ и „црвен“ (можеби поради руското потекло комунизмот не му бил туѓ). Најголема контроверзија предизвикала, за жал и за неверување, неговата сексуалност. Во средина со конзервативни сфаќања, како што бил тогаш Њујорк, Бернштајн, и покрај гласините за неговата хомосексуалност (или токму поради нив), во 1951 година се венчал со бразилската актерка Фелисија Кон Монтеалегре и живеел со неа во складен брак, во кој имале три деца. Таа ја разбирала неговата хомосексуалност, тој ѝ бил длабоко посветен сѐ до нејзината смрт во 1978 година.
Како композитор, Бернштајн бил плоден во различни жанрови, но она со што најмногу ја задолжил историјата на музиката се мјузиклите. Слични на опера, а сепак поприемчиви и полесни за слушање, напишани на современи теми, биле мост што ја поврзал сериозната со популарната музика. Најпознатиот меѓу нив, „Приказна од западната страна“, е еден од најизведуваните и најпопуларни мјузикли на сите времиња, а неговата филмската верзија освоила десет „оскари“.
Како диригент се вивнал кон славата исклучително брзо. Многу млад бил назначен за асистент-диригент на Њујоршката филхармонија и во една пригода морал да го замени својот шеф Бруно Волтер на концерт со исклучително тешка програма. По брилијантниот успех на концертот, наредното утро неговото име осамнало на насловната страница на „Њујорк тајмс“ и му го отворило патот кон успехот. Тој бил првиот Американец што настапил во „Миланска скала“. Ја диригирал Керубиниевата „Медеја“, со певицата што најдобро ја носела оваа улога, единствената Марија Калас. До крајот на животот диригирал со огнен вознес и исклучителна енергија и секогаш од оркестрите барал совршенство во изведбата.
Во областа на педагогијата оставил најзначајна трага со серијата телевизиски концерти во живо, насловена „Концерти за младите луѓе“. Со препознатливиот жар и ентузијазам ги диригирал сите 53 концерти од овој циклус, ја популаризирал сериозната музика и така посредно едуцирал неброено многу млади, кои потоа продолжиле да ја негуваат музичката убавина.
Лада Шоптрајанова Петровска