Со одложувањето на Летните олимписки игри во Токио за в година, поради пандемијата на коронавирусот, Игрите се вметнуваат во натпреварувачкиот календар за следната година, што ќе донесе нови ускладувања на термините на сите претходно предвидени натпреварувања во европски и во светски рамки. На ЛОИ има 33 спорта, а многу од нив веќе имаат испланиран календар, па многу коцки ќе треба да се разместат за тој мозаик од настани.
Едно од натпреварувањата за в година е Светското првенство (СП) во атлетика во САД, предвидено од 6 до 15 август, натпреварување што е еден од најголемите спортски настани во година во која во нормални околности нема ЛОИ и големо фудбалско натпреварување. Откако е преместено и СП во сала за 2021 година, в година атлетичарите треба да имаат три големи настани. Од другите спортови, СП во водени спортови треба да се одржи од 16 јули до 1 август 2021 година во Јапонија, в година има и ЕП и СП во, на пример, веслање и во гимнастиката, а за идната година се предвидени и ЕП во кошарка и во одбојка (минатите шампионати се играа во септември) итн.