Спортскиот риболов често се поврзува со изразот рекреациски, каде што главната смисла е во барањето и фаќањето риби со помош на прибор за спортски риболов, а не заради нивно јадење или продажба на пазарот
Спортскиот риболов претставува лов на риба со дозволен спортски прибор, при што рибарот треба да се придржува до постојните риболовни правила и спортската риболовна етика. Блискиот контакт со природата, занимливоста, како и масовноста, ја ставаат оваа спортска активност во истакнатите рекреативни спортови.
За активно занимавање со спортски риболов (освен за подводниот), практично нема старосна граница. Додека другите спортови се врзани со животниот век на човекот и физичката кондиција, со риболов луѓето се занимаваат од нивната рана младост, па до длабока старост. Убавината на овој спорт е во неговата голема разновидност, како и во внесувањето на индивидуалните можности според сопствените физички и психички квалитети.
Спортскиот риболов често се поврзува со изразите рекреациски или риболов од забава, каде што главната смисла е во барањето и фаќањето риби со помош на прибор за спортски риболов, а не заради нивно јадење или продажба на пазарот. Во спортскиот риболов фатената риба се враќа во водата или може да се понесе со себе, но само одреден дозволен број. Рибата што ќе се понесе по риболовот, мора да биде со одредени особини, како на пример должина, тежина, да припаѓа на видот за кој е дозволен риболовот, но и да ги задоволува сите други критериуми пропишани со Законот за спортски риболов на одредена земја, односно риболовни стопанства или друштва, кои стопанисуваат со тие води каде што се лови рибата.
Престојот во природа влијае релаксирачки за рибарот, а приспособувањето на техниката на фаќање, движењето на рацете и рибарскиот стап, притоа водејќи сметка и за водните струи, се мошне значајни за надмудрување на рибите.
Друг значаен услов за овој вид спорт е да се има риболовна опрема, а таа се разликува во зависност од видот што се лови. Најчесто тоа се прави од крајбрежјето и со рибарски стап. Поголемите морски и езерски риби обично се ловат од чамец со рибарски стап.
Спортскиот риболов според водата го делиме на риболов на море, на езеро и на река. По начинот, на риболов од крајбрежјето, од чамец, подводно со нуркање со здив. И според техниката, на риболов со стап, со живи мамки (црви, ларви, скакулци) и со вештачки мамки (мушички, разни лажливци).
Дивечот и солта
Садовите со сол е најдобро да се стават на некој трупец, во шуплината и на гранките на стеблото или да се направи солиште, така што садот ќе биде околу еден метар над почвата
Солта е еден од позначајните елементи во прехраната на дивечот, оти го регулира варењето на храната, а ги зајакнува телото и отпорноста. Недостигот од сол и минерали, пак, може да предизвика губење на апетитот, тежината, квалитетот на крзното на дивечот, слаба репродуктивност и намалување на имунитетот кон болестите. Дивите елени како и оние во заграден простор поради недостиг од сол можат да почнат да лижат и други предмети, па дури и солта што се фрла на патиштата во текот на зимата.
Недостигот од минерали и елементи во црниот дроб овозможува увид во тоа кои елементи би требало да ги има повеќе дивечот. Затоа денешните садови со сол за лижење, а наменети за дивечот, освен натриум хлорид, содржат магнезиум, цинк, бакар, јод, железо и селен. Тие се неопходни за развој на здравите коски и ’рскавици што, пак, доведува до оптимална големина на еленските рогови. На таквата сол, освен минералите, ѝ се додаваат и некои лекови, кои се наменети против внатрешни паразити.
Садовите со сол е најдобро да се стават на некој трупец, во шуплината и на гранките на стеблото или да се направи солиште, така што садот да биде околу еден метар над почвата. Подножјето на солиштето мора да има радиус од најмалку 15 см. Солиштето може да биде направено и со помешување на глина и на сол во однос 5-1. Таквата сол може да биде ставена на земја, камен или на штици.
Солиштата е најдобро да се поставуваат до хранилиштата, поилата и до местата каде што обично поминува дивечот, за полесно да ги пронајдат, оти дивечот ги запомнува локациите, па кога еднаш ќе го пронајде солиштето, потоа редовно се враќа кај него.