ФУДБАЛ – ПО ИЗБОРОТ НА УЕФА НА НАЈДОБРИТЕ ЗА СЕЗОНАТА 2019/2020
Левандовски освои 11 трофеи за три месеци

Центарфорот на европскиот првак Баерн, Полјакот Роберт Левандовски (32), убедливо ја освои наградата на Европската фудбалска унија (УЕФА) за најдобар фудбалер за сезоната 2019/2020 на Стариот Континент. Оваа индивидуална награда следува по своевидната жетва трофеи, почната со трите со Баерн, во Лигата на шампионите, домашното првенството и во германскиот куп, а паралелно во сите три натпреварувања беше и најдобар стрелец, како прв во историјата што остварил такво нешто, згора со повеќе голови од настапи во секое од тие натпреварувања.
– Тој работи толку напорно за тимот. Тој е важен за нашата одбрана, бидејќи дава поддршка, a ништо не треба да се каже за тоа колкава опасност претставува пред противничкиот гол. Левандовски е многу професионален и работи исклучително напорно. Тој е најдобриот централен напаѓач во светот – ја пренесува УЕФА изјавата на Ханси Флик, тренерот на Баерн.
На сето тоа Левандовски има и трофеј со Баерн во Суперкупот на УЕФА, која го прогласи и за најдобар напаѓач во Европа за сезоната 2019/2020, а во Германија е најдобар играч на сезоната во изборот на Бундес-лигата и на професионалните фудбалери. Вкупно тој освои 11 трофеи во период од три месеци.
Во изборот на УЕФА, Левандовски победи со убедлива разлика, откако освои 477 поени, 387 повеќе од второпласираниот Кевин де Брујне. Лани Вирџил ван Дајк, на пример, победи со 98 поени разлика пред Лионел Меси, а Кристијано Роналдо во сезоната 2016/2017 со 341 поен предност пред Меси.
Најдобра фудбалерка на Европа сезонава во изборот на УЕФА е Перниле Хардер (сега во Челси, до неодамна во Волфсбург), тренер на годината за машки тим е Флик, а тренер на годината за женски тим е Жан-Лук Васер (Лион). По позиции наградите во машка конкуренција ги добија Мануел Ноер (голман, Баерн), Џошуа Кимик (одбрана, Баерн), Де Брујне (плејмејкер, Манчестер сити) и Левандовски (напад). Во женска конкуренција сите најдобри се од европскиот првак Лион, и тоа Сара Бухади (голманка), Венди Ренар (одбрана), Џенифер Марошан (среден ред) и Хардер (напад).


ФУДБАЛ

Во куповите на УЕФА по седум тима од Англија, Шпанија и од Италија

Во 66. сезона вкупно, а 29-та како Лига на шампионите во фудбал, 32-та тима во најсилното клупско натпреварување се од 15 земји. Најмногу, по четири, се од Англија, Италија, Германија и од Шпанија, по три има од Франција и од Русија, два од Украина и по еден од Турција, Грција, Унгарија, Австрија, Белгија, Данска, Португалија и од Холандија. Заедно со Лига Европа, Англија, Шпанија и Италија ќе имаат најмногу, по седум тима на европската клупска сцена, Германија ќе има шест, Франција пет итн. Вкупно во двата купа на УЕФА сезонава ќе има клубови од 29 од 55-те земји-членки на УЕФА.


Роналдо и Меси по девет години пак се среќаваат во ЛШ

Европскиот фудбалски првак Баерн во новата сезона на Лигата на шампионите (ЛШ) е во група со Атлетико, Салцбург и со Локомотив, реши ждрепката за сезоната што треба да почне на 20 октомври. Во групата Г ќе има нов дуел помеѓу Кристијано Роналдо (Јувентус) и Лионел Меси (Барселона). Роналдо и Меси досега 35 пати играле меѓу себе на клупски план (од тоа пет пати во ЛШ, претходен пат во 2011 година) и со репрезентациите, Меси има 16 победи, Роналдо 10, а Аргентинецот е и поефикасен на тие дуели, 22-19, пишува УЕФА на својата интернет-страница.

ЛШ, СОСТАВ НА ГРУПИТЕ
Група А: Баерн, Атлетико, Салцбург, Локомотив (М)
Група Б: Реал Мадрид, Шахтер, Интер, Борусија (M)
Група Ц: Порто, Манчестер с., Олимпијакос, Марсеј
Група Д: Ливерпул, Ајакс, Аталанта, Митјиланд
Група Е: Севилја, Челси, Краснодар, Рен
Група Ф: Зенит, Борусија (Д), Лацио, Бриж
Група Г: Јувентус, Барселона, Динамо (К), Ференцварош
Група Х: ПСЖ, Манчестер ј., Лајпциг, Башакшехир


Сезонава ќе настапат 18 од 22 европски прваци

Во Лигата на шампионите сезонава ќе играат 12 досегашни европски фудбалски прваци, со вкупно 47 титули. Тоа се Реал Мадрид (13), Баерн, Ливерпул (двата клуба по шест), Барселона (пет), Ајакс (четири), Интер, Манчестер јунајтед (двата по три), Јувентус, Порто (двата по две), Борусија Д., Челси и Марсеј (сите по една). Во Лига Европа, пак, ќе настапат двојно помалку, со вкупно 13 трофеи за европскиот првак, и тоа Милан (седум), Бенфика (два), ПСВ Ајндховен, Селтик, Црвена звезда и Феенорд (сите по еден). Досега титулата европски првак ја освоиле 22 клуба.