Со помош на Елон Маск, НАСА го испрати во вселената сателитот дизајниран за наоѓање нови планети
Американската национална аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА) го испрати најновиот сателит ТЕСС во вселената, кој има за цел да скенира и да бара нови планети во Сончевиот систем. Сателитот беше лансиран во вселената со помош на „Спејс екс“ на Елон Маск, од истото место каде што беше лансирана и ракетата „Фалкон хеви“ на 6 февруари оваа година. Леталото, 48 минути по неговото лансирање, ја минало Земјината орбита и влегло во вселенскиот простор. Претходно, иницијалниот обид да се лансира сателитот ТЕСС во вселената беше одложен поради технички проблеми со ракетниот погон.
Сателитот ТЕСС (транзитен сателит за истражување на егзопланети), при своето движење ќе скенира 85 отсто од своето опкружување, за да бара планети што се надвор од Сончевиот систем, или таканаречените егзопланети. ТЕСС ќе помогне во работата на НАСА за пронаоѓање планети погодни за живеење на човекот и потенцијален жив свет во вселената.
Леталото е опремено со најразлични видови високотехнолошка опрема, која вклучува четири екстремно моќни камери произведени и развиени од Институтот за технологија од Масачусетс, САД. Во текот на своето патување, ТЕСС ќе скенира 200.000 од најсветлите и најблиските ѕвезди во соѕвездието и ќе собира околу 27 гигабајти информации дневно.
Леталото има величина слична на стандардна машина за перење алишта и е дизајнирано за да ги скенира најблиските ѕвезди за знаци од периодично затемнување. Овие таканаречени затемнувања може да значат дека планетите околу нив се движат во орбитата. Истражувањата и информациите што ќе ги собира ТЕСС ќе бидат дел од најобемното истражување од овој вид. Новооткриените планети што ќе бидат идентификувани од сателитот евентуално ќе се претворат во главни цели за истражувања со телескопи во иднината за барање какви било знаци на живот.
Директорот за астрофизика во НАСА, Пол Херц, вели дека мисиите како оваа ќе помогнат да се одговорат прашањата за тоа дали сме сами во универзумот или дали едноставно сме имале среќа да живееме на најдобрата локација во галаксијата.
Научниците сметаат дека моќните телескопи што се поставени на ТЕСС ќе успеат да пронајдат некаков знак за егзопланети. Главниот научник на мисијата Џорџ Рикер од Институтот за технологија од Масачусетс вели дека сите астрономи со векови се посветени на овие објекти. Тој смета дека оваа мисија ќе помогне многу и за истражувањата во иднината.
Инаку, бројот на егзопланети што се забележани од сите опсерватории од вселената и од Земјата во последните неколку декади се сведуваат на нешто повеќе од 3.700 планети, со можност бројката да расте до 4.500. Околу 50 од нив се смета дека имаат потенцијал да се населат од страна на луѓето. Тие се со слична величина на Земјата и орбитираат околу ѕвезда што би создала услови за вода на површината и барем теоретски на овие места би имало основни услови за живот.