Драго ми е што Ѓорчев, на некој начин, го вовлеков во оперските води, но и тој на некој начин ги смени моите афинитети, па и јас сега открив кај себе една помалку заборавена техника на пеење свинг и џез. Чест ми е што имам можност да соработувам со него и однапред се радувам на нашите идни настапи, вели Палија
Младата оперска певица Кристина Палија (33) од Неготино, уште од својата 15-та година го школува својот глас, најпрво во СМУ,,Сергеј Михајлов“ во Штип на отсекот по соло-пеење кај проф. Александра Коцевска, а потоа дипломира во класата на Марија Муратовска-Наумовска. По пет години магистрира на ФМУ кај професорката Весна Ѓиновска-Илкова, првенка на македонската опера. Како голем талент добитничка е на голем број награди, а нејзиното деби на оперската сцена се случи со улогата на Микаела во операта „Кармен“ од Жорж Бизе. Има остварено многу самостојни рецитали како и настапи со трио камерни состави во Македонија, Словенија, Австрија, Бугарија… Две години била вработена во Нижото музичко училиште во Неготино, но сега нема постојана работа. Кристина е и мајка на две деца, 15-годишна ќерка и осумгодишен син, и за себе на шега вели дека матурирала со бебе во рацете.
Презимето Палија, кое е единствено кај нас и навистина убаво оди со нејзиното име, го зела од сопругот, кој по потекло е од Република Српска. Љубителите на популарната музика првпат можеа да уживаат во убавината на нејзиниот школуван глас во аријата од мјузиклот „Фантомот од операта“ на Ендрју Лојд Вебер, што ја сними заедно со својот сограѓанин и колега Ѓоко Ѓорчев пред една година.
– Соработката со Ѓоко Ѓорчев почна лани во март и еве трае цела година. Досега снимивме три песни, а се надевам ќе има и уште. Инаку ние се знаевме од порано и постојано, кога и да се видиме ќе си кажевме: „Кога заеднички ќе направиме нешто?“. Еден ден на неговиот профил на Фејсбук видов дека подготвува солистички концерт по повод 20 години музичка кариера и си посакав и јас да бидам дел од тој настан. И каква коинциденција, токму во тој момент добив СМС од Ѓоко. „Кристина те чекам на концерт“! За мене тоа беше знак, дека нешто важно ќе се случи, нешто несекојдневно. При првата средба тој ми спомна можност заедно да отпееме некој дует, а мојата прва помисла беше дека најверојатно тоа ќе биде некоја од песните вообичаени за таква пригода, како „Time to say good bye“, на Сара Брајтман и Андреа Бочели.
Но моја голема желба беше да изведеме нешто ново, несекојдневно. Јас го видов Ѓоко во арија од „Фантомот од операта“ на Вебер и гласовно и како појава и тоа и му го предложив. Му ја пуштив снимката на Јутјуб, а тој во првиот момент се вкочани и рече: „Ќе можам ли јас ова да го испеам“? Јас бев убедена дека ќе успее, му реков без грижа, тоа е тој глас и заедно ќе звучиме навистина моќно. Утредента кога кај него малку стивнаа првите впечатоци, повторно се сретнавме и ми призна дека цела вечер не спиел и ги слушнал сите можни верзии на аријата на Јутјуб. Беше многу возбуден и тоа остана како идеја за реализирање. Јас набрзо отпатував за Мароко, каде што имав закажано турнеја и по враќањето во студиото на Владимир Дојчиновски ја снимивме аријата – ни раскажа Кристина Палија. Таа додаде дека не само што таа извршила влијание на Ѓоко и го вовлекла во оперски води, туку соработката со него и кај неа донела низа позитивни промени.
– Јас благодарение на Ѓоко почнав да слушам евергрини и почнав да уживам во нив. Претходно без насочена само кон класичната, оперска музика. Се пронајдов во свингот и во лесниот џез. Подоцна со Ѓоко ги снимивме и „Besame mucho“ кај Филип Стевановски и „Parla piu piano“, во студиото на Иле Спасов, што ја промовираме на почетокот на месецов. Се надевам ќе имаме уште заеднички песни што ќе се најдат на неговиот нов албум „My way“ – вели Палија. Инаку, според Кристина, но и според сите позитивни коментари, по промоцијата на аријата Ѓоко доживеа голема преродба, доби нов елан за работа и пронајде нешто ново кај себе.
– Изведбата не му беше тешка бидејќи Ѓоко има природно поставен вокал и пее исто како и пред дваесет години. Исто така тој има ретка боја на глас, тенор со драмска боја, а и како човек и пријател е прекрасен. Чест ми е што имам можност да соработувам со него и однапред се радувам на нашите идни настапи – вели таа. И Ѓорчев е среќен што песните се нижат една по друга. – Голем евергрин „Parla piu piano“, познатата тема од филмот „Кум“, исто како и претходните две песни што ги снимивме со Кристина Палија, го донесовме на врвно ниво и верувам дека достојно би се претставиле и надвор од нашата земја. Благодарен сум и што таа ме насочи кон класичната музика и што ми докажа дека можам да пливам и во оперските води без проблем. На мое големо задоволство, ние и понатаму ќе соработуваме и наскоро ќе го снимиме и големиот евергрин: „Qisas qisas“ – ни рече Ѓоко Ѓорчев. На тоа се надоврза Кристина.
– И јас ги сменив афинитетите. Открив кај себе една помалку заборавена техника на пеење, нешто што порано го практикуваа Блага Видец и Нина Спирова. Не знам зошто денешните пејачки го одбегнуваат тоа, целејќи само кон високи тонови. За мене целта е изведбата пред сѐ да биде пријатна за уво – вели Палија. Наскоро Кристина третпат ќе гостува во Мароко, каде што ќе се претстави со рецитал составен од познати оперски арии што ќе ги изведе во придружба на пијанистката Невенка Дуковска-Трајкова – Во 2016 година по покана од интернационалниот фестивал „Ентреритмос“, што се одржува во Мароко, дуото,,Грациозо“ имаше чест да остави музички печат и како први Македонци, кои воопшто концертирале низ сцените во Мароко, во градовите: Лараче, Келаа, Ксар Ел Кибир и Тетуан. Овој пат ќе концертираме во Лараче и во Ринкон, но не се исклучени и други места – вели Палија. По враќањето таа ќе ја сними новата песна со Ѓорчев, а ги очекуваат и многубројни настапи низ Македонија, а можеби и пошироко.