Во текот на трчањето телото и духот на моменти знаат да се „поткараат“, ама инстинктот и желбата ве водат до посакуваната цел, вели пејсмејкерот на полумаратон со време од 2 часа, Петар Георгиевски-Камиказа
„Визер Скопски маратон“ и оваа година ќе вклучи пејсмејкери во полумаратонската трка. Пејсмејкерите се тркачи што помагаат трчачите да го постигнат очекуваното време во полумаратонската трка. В недела низ скопските улици ќе трчаат по двајца пејсмејкери на време од 1,30, 1,45, 2,00, 2,15 и 2,30 минути.
Петар Георгиевски-Камиказа, член на „Меморија“, ќе биде еден од пејсмејкерите на полумаратонот од 2 часа.
– Оваа година првпат на „Скопскиот маратон“ нема да бркам резултат, туку ќе бидам мотиватор заедно со Баже Цоневски, за што повеќе луѓе да остварат резултат под 2 часа на полумаратонот. Инаку, на ланската 10-километарска трка, исто така со Баже бевме мотиватори и многу луѓе беа пресреќни дека ги спознаа своите сопствени можности и истрчаа подобро од тоа што мислеа дека можат. Задачата на пејсмејкерот е да ги бодри и поддржува трчачите, да им дава блиц-совети и, се разбира, да има истрчано повеќепати подобро време од она за кое решил да биде пејсмејкер. Оваа година темпото со кое ќе трчаме ние ќе биде со пејс 5,30 и 5,40 минути километар, што е доволно за да се истрча полумаратон под 2 часа – посочи Петар Георгиевски-Камиказа. Целта на пејсмејкерите е да водат грижа темпото да биде уедначено за да може што поголем број учесници да успеат да ја завршат трката со посакуваното време.
– Нашиот совет до тркачите е да го следат темпото на пејсмејкерите, добро да се хидрираат и на попатните станици да користат енергетски гелови или храната што се нуди на закрепнувачките станици. Атмосферата на терен е позитивна и весела, но секој ќе мора да плати со сопствена пот и себенадминување. Како (малку) искусен тандем, јас и Баже се трудиме и ќе се трудиме да задоволиме што поголем број љубители на трчањето да ги остварат своите соништа – додава Георгиевски.
Тој додава дека во текот на трчањето телото и духот на моменти знаат да се „поткараат“, ама инстинктот и желбата водат до посакуваната цел.
– Слушајте го сопствениот глас, тој ќе ви одговори на сите прашања и на крајот телото, духот и вие ќе стигнете до посакуваната победа. Настапот на трките е само последниот дел од циклусот. Инаку, подготовките се должински и брзински и се базата за постигнување себенадминувачки резултати. Секој со свое темпо, со своја мисла, со своја желба и можности, се разбира – посочи Георгиевски.
Александар Смилков исто така ќе биде пејсмејкер на полумаратонот, со време од 2,30 минути. Тој од 2011 година е дел од „Скопскиот маратон“. Прво се пријавил на полумаратон, а потоа почнале сами да нижат трките.
– Кондицијата и брзината сѐ повеќе ми доаѓаа до израз, така што брзо успеав да дојдам до 1.30,20 за полумаратон. Во 2014 година, по истрчани неколку полумаратони, еден пријател ме повика да трчаме на 42 километри. Мојот прв маратон за 3.50,43. Потоа следуваше полуајронман триатлон-трка, која опфаќа 2 километри пливање, 90 километри точак и 21 километар трчање. Учествував и на планински трки. По сето ова, решив првпат да се пријавам како пејсмејкер за 2,15, заедно со Александар Димитровски, и тоа беше ново искуство, со одговорна задача за нас двајцата, но мисијата беше успешно завршена. Оваа година заедно сум со Славица Дамјанска, долгогодишна маратонка, со големо искуство за време од 2,30 или темпо од 7,09 мин./км. Задачата на пејсмејкерите е да го држат зададеното темпо низ целата трка и да ги мотивираат тркачите во групата до самиот крај.
Темпото се подготвува однапред за секој километар. Како што кажав, тоа е темпо од 7,09 мин./км, што е одлично за оние што првпат ќе трчаат полумаратон. Мојот совет е да дојдат со позитивна енергија и насмевка, а другото е на нас, пејсмејкерите. Атмосферата на самата трка секогаш е позитивна, се трча со музика, меѓусебно се мотивираме, а секогаш е добредојдено и бодрење од публиката што е покрај патеката. Да се заврши една трка е важна физичката подготвеност, но психичката подготвеност игра важна улога. Секој маратонец трча свој маратон. Колку помалку стравови толку подобро време на трката – вели Александар.