Иако, освен опозицијата, и некои правни експерти го оспоруваат таканаречениот план Б на Министерството за правда, за потсетување е изјавата на премиерот Зоран Заев, кој пред неколку дена јавно испрати јасна порака до надлежните органи „веднаш“ да најдат решение за избор на вршител на должноста на СЈО и да не дозволат ниту еден предмет да биде загрозен
Голем број политички и законски усогласувања ќе бидат потребни за надминување на институционалната криза што ја предизвикаа законските дупки отворени со формирањето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, попознато како специјално јавно обвинителство (СЈО), како и последиците од аферата „Рекет“, во која, според досегашните сознанија на истрагата, меѓу другите е инволвирана и неговата главна обвинителка Катица Јанева. Таа веќе една недела е во притвор, а Советот на јавни обвинители вчера едногласно одлучи дека се исполнети услови да започне постапка за нејзино разрешување.
– За да го направиме тоа, Советот треба да подготви извештај со утврдена фактичка состојба и да го достави до Собранието, кое, во согласност со своите надлежности, понатаму ќе ја продолжи постапката. До овој момент едногласна е одлуката дека ќе започнеме постапка за разрешување и ќе се обидеме во текот на денешниот ден да го завршиме извештајот, кој денеска или утре ќе го доставиме до Собранието – изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев, вчера по завршување на расправата.
Инаку, со притворањето на обвинителката Јанева целосно е блокирана работата на специјалното јавно обвинителство. Законските празнини не му даваат можност на Советот на јавни обвинители да избере в.д. шеф на СЈО, туку само да започне постапка за разрешување на Јанева, кој, пак, треба да финишира во Собранието, што може да потрае со месеци, иако, според првичните реакции од опозициските редови, тоа и не мора да биде така, бидејќи претседателот на надлежната собраниска комисија за прашања на изборите и именувањата, Илија Димовски, инаку член на ВМРО-ДПМНЕ, вчера ја поздрави одлуката.
– Во секој случај, добро е што Советот на јавни обвинители покажа сила и законитост во својата работа и ги следи позитивните норми од Законот за СЈО. Се надевам дека до крајот на целата постапка сите органи повикани да постапуваат нема да дозволат политичките интереси да ги поништат законските одредби, кои се прецизни и јасни – рече Димовски.
Сепак, во меѓувреме е блокирана работата на СЈО и на судските процеси, од кои голем дел може и да застари.
Паралелно со тоа, се води и политичката битка за новиот закон за јавно обвинителство, кој треба да го инкорпорира сегашното СЈО во редовното обвинителство. Дека битката ќе биде тешка, а по сѐ изгледа и долготрајна, потврди вчера Артан Груби, претседателот на собраниската комисија за европски прашања, откога ја отвори седницата на која се расправа по предлог-законот. Тој соопшти дека се поднесени повеќе од 40 амандмани, од кои околу 20 од ВМРО-ДПМНЕ, 16 од СДСМ и коалицијата, десет од ДУИ и три од пратеничката Сурија Рашити. Веднаш по отворањето на седницата, Груби даде пауза за членовите на комисијата да можат да ги разгледаат амандманите. Најави дека расправата во Комисијата за европски прашања за предлог-законот за јавно обвинителство може да трае најмногу два работни дена. Инаку, Собранието во вторникот одлучи предлог-законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка. Министерката за правда Рената Дескоска најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство, во опција се други решенија, а едно од нив, како што рече, се измени во Законот за советот на јавни обвинители, кој се носи со 61 глас.
Со таканаречениот план Б на министерката би се надминале пречките што ја кочат работата на СЈО, така што Советот на јавни обвинители би избрал вршител на должноста специјален јавен обвинител. Таква можност, според неа, нуди членот 19 од подзаконскиот акт – Деловникот за работа на Советот на јавните обвинители, во кој е предвидено: „Ако на јавниот обвинител на РМ му престанала функцијата или е разрешен, Советот со одлука ќе определи јавен обвинител од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на РМ, кој ќе ја врши функцијата до именување јавен обвинител“. Планот е оваа одредба од деловникот да влезе во законот и да важи за шефовите на сите обвинителства. Од Министерството за правда потсетија дека токму врз основа на оваа одредба од деловникот, на 28 август 2017 година обвинителката Лилјана Спасовска беше назначена за вршител на должноста јавен обвинител на РМ, на местото на Марко Зврлевски, кого Собранието десет дена претходно го разреши од должноста. Спасевска беше в.д. јавен обвинител сѐ до изборот на актуелниот републички јавен обвинител Љубомир Јовески. Ваквата постапка, според Министерството, може да важи и за првиот човек на СЈО, во согласност со одредбата од Законот за СЈО во која се вели дека „за сѐ што не е регулирано со тој закон, се применуваат одредбите од Законот за јавното обвинителство и другите позитивни законски прописи“.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Штерјев вчера потврди дека постои законска опција за поставување вршител на должност шеф на специјалното јавно обвинителство, но е неизвесно како овој план ќе помине кај опозицијата во Собранието, особено по вчерашната изјава на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, според кого „налудничави се идеите, без одлука на Собранието, Советот на јавни обвинители да назначи в.д. на местото на Јанева“. Иако, освен опозицијата, и некои правни експерти го оспоруваат таканаречениот план Б, за потсетување е изјавата на премиерот Зоран Заев, кој пред неколку дена јавно испрати јасна порака до надлежните органи „веднаш“ да најдат решение за избор на вршител на должноста на СЈО и да не се дозволи ниту еден предмет да биде загрозен.
– Сега, веднаш, треба да се најде решение за вршител на должноста на СЈО како привремено решение, а потоа верувам дека сите политички партии можеме да најдеме консензуално решение и не подоцна од 15 септември за новиот закон за јавно обвинителство – категорично побара Заев. П.Р.