Московските години го очудуваа детството на г-ѓа Ј. Големиот град во очите на девојчето беше исполнет со величествени цркви и булевари, со дами во раскошни бунди што се возеа во пајтони, со дадилка што ја водеше по пазарите облечена како за црква, со свечени вечери во домот на родителите каде што ја дигаа во раце големи, високи, брадести мажи во стегнати униформи или во црни костуми. Г-ѓа Ј. се сеќаваше и на едни други – подгрбавените питачи и скитници, кои понекогаш ги среќаваше додека се шеташе со дадилката понастрана од булеварите, по лавиринтните улички на градот. „Беа поинакви. Беа сосем поинакви од пријателите на моите“. Тие различни, застрашувачки луѓе како да беа очигледно навестување на она што грубо ќе ги разурне бајковидните години на девојчето. Хаосот на Октомвриската револуција. Сѐ се случувало страшно брзо: насилната преселба од големиот стан во Москва во малечкиот апартман во Одеса, каде што заглушувачки пукотници и гранати како да доаѓале од соседниот двор, а на улиците „јаросни“ офицери на коњи со перјаници како на парада и гласни донски Козаци меѓу кои се мешале војници-пешаци со бајонети во калливи униформи… Татко ѝ сѐ помалку го гледала, тој со другите генерали во штабот на Деникин, се враќал од фронтот само да се преслече и да ги гушне. Додека едно магливо, дождливо утро „папочка“ не ги вкрцал на брод, меѓу толпа расплакани, истуткани, изгубени жени и деца.
Приказните од своето детство г-ѓата Ј. ми ги раскажуваше во специфичниот ноќен амбиент на салонот во куќата на Сењак. Имено, кога доцна навечер, скришум, најтивко што е можно, се качував кон мансардата по дрвените скалила (тета Лепа веќе беше заспана), тие, и покрај сиот мој напор, сепак ќе закрцкаа, веднаш намамувајќи го нејзиниот тивок, но заповеднички глас: „Александарр, дојдете, ве молам“.
Неволно, со притворна насмевка, се упатував кон салонот, каде што г-ѓата Ј. со лупа во раката ме дочекуваше во елегантна стилска фотелја од темно оревово дрво, со фини, изрезбарени рабови на наслоните и криви, но стабилни ногарки. Од таа заоблена фотелја се исправаше торзото на г-ѓата Ј. Кога престојував во куќата на Сењак, таа сигурно имаше повеќе од седумдесет, во секој случај беше постара од тета Лепа, но за разлика од ситната, забрадена жена, која и покрај својот грлест глас, веќе се беше подгрбавела, ставот, а и фигурата на г-ѓа Ј. по својата складност и стегнатост личеше на значително помлада жена. Е сега, замислете дека на таа зачувана младолика става е насадена една сериозна, седокоса остроока глава, со малечок балтички нос, но и цврсто стегнати усни, и ќе ја добиете мојата тогашна газдарица.
Тоа лице стануваше уште построго во мигот кога ќе ме погледнеше низ лупата. Тогаш погледот ѝ добиваше некоја инсектоидна марсовска всредоточеност, впечаток што можеби доаѓаше оттаму што пред неа, на масата, беа распостелени листови со уредно наредени и прицврстени (со шпенадли?) пеперутки. Голема колекција уловени, кој знае кога, инсекти, чии безживотни, распнати тела беа дел од своевидната полноќна инспекција на г-ѓата Ј.
Во она време сѐ уште ја не бев прочитал „Лолита“, ниту можев да знам дека нејзиниот автор бил страстен лепидоктерист. За право не ни знаев што е тоа „лепидоктерист“. Но пред Набоков, на г-ѓата Ј. и нејзината збирка мумифицирани пеперутки веднаш ме потсети есејот „Талкања според Ивлин“ од Вирџинија Вулф во џебното, но дебело издание, кое го донесов од Скопје и кое го препрочитував во белградската бруцошка година. Предмет на есејот е чудникавиот господин Џон Ивлин, современик на Кромвел (и на китот што е виден во Темза како своевидно претскажување на смртта на диктаторот), кој, во текот на целиот свој долг живот, уредно водел дневник. Во еден пасус, г. Ивлин и г-ѓата Ј. многу ми личеа: „… пеперутката неподвижно ќе седи врз георгината, додека градинарот ја турка покрај неа својата количка; но нека само преку пеперугините крилца затрепери сенката на греблото – ене ја како лета, каде што веднаш и итро се подигнува во височината. На што тогаш би помислиле ние: пеперутката гледа, но не слуша; и по тоа сме рамни на Ивлин. Но на ниедна нормална личност во дваесеттиот век не би ѝ паднало на памет, ни за една секунда, да замине дома по нож и со него да ја оперира главата на црвената пеперутка, како што тоа го прави Ивлин“. Умната Вирџинија, кога би ги доживеала сите идни стравотии на дваесеттиот век, предизвикани од човечкиот фактор, сигурно не би го имала истото мислење, но тогаш, додека на мансардата во куќата на Сењак ја прочитав оваа нејзина забелешка во есејот за Ивлин, веднаш пред очи ми излезе мојата газдарица како со лупа и пинцета ја подготвува за мумифицирање штотуку фатената пеперутка, што сѐ уште беспомошно претка со крилцата.
„Пријдете, Александарр, седнете“, ќе ми наредеше г-ѓата Ј. Во колекцијата имаше стотици примероци, со печатно напишани латински називи под нив, што, нормално, ги подзаборавив, иако на некои од нив, поради нивното женствено, необично именување, делумно сѐ уште се сеќавам. На пример, на теодота, вид што беше „претставен“ со помал машки и поголем и поубав женски примерок, како впрочем кај сите видови пеперуги. Машката теодота имаше боја на стара фасада, со истобојни шарки, како кафеава тула избледена од сонце, кај женката, пак, обратно, боите беа како на акварел и само една назнака, портокаловата на краевите на крилцата, навестуваше дека се од ист род. Кај друга двојка чие име го паметам, монина, мажјакот исто така беше помалечок и со скромна, мимикриски окер боја, додека женката, наспроти својот незабележлив партнер, носеше раскошен дезен со бела основа и жолти и црни точки. Се сеќавам и на една голема пеперутка, лубентина, сама, без свој партнер, со свечено сина основа, изненадувачки комбинирана со црно и црвено.
(продолжува)