Во програмата европски филм, ќе бидат прикажани „Пјур хартс“, „Вели оф шадоус“ и бугарскиот филм „3/4“ на режисерот Илиан Митев, кој победи на фестивалот во Локарно. Од оваа година почнува програмата „Квир-фокус“, во која ќе бидат прикажани филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело ќе прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор
Годинешниот „Скопје филм фестивал“, за дваесет и првото издание се потруди да донесе исклучително богата програма и содржини во чии рамки ќе понуди повеќе од 50 филма, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, како и филмска ретроспектива на Алфред Хичкок. Фестивалот ќе се отвори вечерва, во 20 часот, со премиерата на новиот македонски игран филм „Година на мајмунот“, во режија на Владимир Блажевски. „Година на мајмунот“, чиј работен наслов беше „Слобода или смрт“, е четврти долгометражен филм на Блажевски, еден од најреномираните македонски филмски автори, по наградуваниот „Панкот не е мртов“ (2011), „Булевар на револуцијата“ (1992) и „Хај-фај“ (1987). Двајцата главни протагонисти во оваа црна комедија се Цобе, сиромашен чувар во скопската зоолошка градина, и шимпанзото Коко, жител во истата зоолошка. Едноставната приказна се заплеткува со бегството на Коко од „заробеништво во слобода“. Цобе, поради општата економска криза и сиромаштија, е отпуштен од работа, но добива ветување дека ќе биде вратен на работа ако успее да го најде и да го врати бегалецот…
Филмовите на годинешниот „Скопски филмски фестивал“ се распоредени во седум програми, меѓу кои се: програма на авторски филм, панорама на светски филм, македонска продукција, фокус на француски филм, програма на европски филм, ретроспектива на Хичкок, а од оваа година почнува и новата фестивалска програма „Квир-фокус“.
До 26 април, публиката на „Скопје филм фестивал“, во програмата на авторски филм, чиј селектор е Татјана Јаневска, ќе може да го види „Вина“ на Густав Мулер, кој освои награди на фестивалите во Ротердам и Санденс, потоа новиот филм на Паоло Тавиани „Виножито, приватна афера“, како и филмот што освои пет награди „цезар“ на Алберт Дупонтел, „Ќе се видиме таму“.
– Во програмата „Панорама на светски филм“, горди сме да ги прикажеме во Скопје норвешкиот „Телма“ во режија на Јоаким Трир, мароканската драма „Разиа“, потоа аргентинскиот „Самит“ на режисерот Сантијаго Митре. Годинава фестивалската публика ќе може да ги види и најдобрите француски филмови во програмата фокус на францускиот филм, чиј селектор е Навид Сарем, а во рамките на програмата на краток филм селекторите Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров ги избраа најинтересните краткометражни филмови – велат организаторите.
Во програмата европски филм, на ова фестивалско издание ќе бидат прикажани четири филма, меѓу кои „Пјур хартс“, „Вели оф шадоус“ и бугарскиот филм „3/4“ на режисерот Илиан Митев, кој победи на фестивалот во Локарно.
Од оваа година „Скопје филм фестивал“почнува со реализација на програмата „Квир-фокус“, во која ќе бидат прикажани филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело ќе прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор.
– Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот ќе направи обид да отвори теми што извираат од квир-културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место, каде што ќе се артикулираат гласови од маргините.
И кога тие гласови се чуени, се дава можност да станат дел од култура што менува, култура на отпор што го обликува општеството, во кое едни ќе учат за постоењето и прифаќањето на различностите, додека други ќе учат да го заборават досега наученото за да почнат да се сакаат себеси. Без некоја посебна тематска одредница, со неколку филма ќе се обидеме да отвориме теми како што се: репресираната хомосексуалност, себеугнетувањето и скриеноста, отуѓувањето на квир-субјектите и нивните идентитети во дигиталниот простор, угнетувачкиот и исклучувачки карактер на хетеронормативните семејни вредности и религијата, па до приказ на еден провокативен антиестаблишментски радикален лезбејски феминизам – вели селекторот на оваа програма Александар Ковачевски.
Во рамките на програмата ќе има и промоција на интересна книга што се занимава со аспектите на себеугнетувањето на геј-луѓето, а низ предавање и дискусија ќе се направи осврт на квир-киното и неговата историја, со излагањата на двајца предавачи и, секако, низ дискусија и мислења на ценетата публика.
Во програмата „Македонска продукција“ фестивалот ќе прикаже вкупно осум македонски филма. „Скопски филмски фестивал“ за својата публика подготви ретроспектива на Алфред Хичкок, во чии рамки ќе бидат прикажани пет негови филмови. Предвидени се и работилница и промоција, како и разговори со гостите од странство. Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов.
Програмите на 21. издание на „Скопје филм фестивал“, од 19 до 26 април ќе се одржуваат во киното „Милениум“, Кинотеката на Македонија и во киното „Фросина“.