Осумнаесетто издание на меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ ќе се одржи од 7 до 15 ноември, во организација на Младинскиот културен центар. Годинава фестивалот се приклучува кон светската прослава на 50 години од првото емитување на комичната серија „Монти Пајтон“ во далечната 1969-та, која колективот денес ја презема како годишнина од формирањето на групата со низа специјални појавувања, настани, филмски проекции низ Британија и Европа.
– Со специјални проекции на нивните пет филмски остварувања стануваме дел од овој јубилеј, сметајќи дека впрочем и никогаш не сме излегле од нивните комични и сатирични погледи на светот и политиката. Како специјален гостин во рамките на оваа програма е продуцентот Стив Абот, нивен долгогодишен соработник и продуцент на нивните филмски остварувања, кому на „Синедејс“ ќе му биде врачена наградата за животно дело за неговата работа со „Монти Пајтон“. Покрај тоа, Абот ќе има и свој мастерклас за пошироката јавност и филмската публика – најавуваат организаторите.
Првпат оваа година се воведува нова награда, за најдобра филмска музика на авторски филм, каде што жирито во состав Александар Пејовски, композитор, Дарија Андовска, композиторка, пијанистка и музичка авторка, како и Влатко Галевски, филмски критичар, ќе одлучи за најдобрата музика на филм од компетитивните селекции.
– Воведувањето на оваа награда за нас претставува менување на курсот на фестивалот, дистанцирање од вообичаените практики на сите европски фестивали (наградите за најдобар филм и режија) и свртување на фокусот кон третирање на авторите во филмот, чија работа е помалку застапена во листата на наградени низ другите фестивали – велат од „Синедејс“.
Отворањето на фестивалот е со премиерата на филмот „Ефектот на среќа“, во режија на Борјан Зафировски. Затворањето е закажано со проекција на филмот „Зад хоризонтот“, во режија на швајцарската режисерка Делефин Лирикеј, филм што е снимен како македонско-швајцарска копродукција, во кој главната улога ја толкува познатата француска актерка Летиција Каста.
Гала-проекциите се избор од најдоброто и најнаградуваното од Европа: последното остварување на омилениот режисер Џим Џармуш, на вториот омилен – Вуди Ален, потоа на Кен Лоуч, Франсоа Озон, Фатих Акин, Роман Полански, Педро Алмодовар, Надав Лапид и многу други.
Во меѓувреме следуваат и најдобрите дебитантски или втори филмови на европските режисери во официјалната селекција и програмата „Синебалкан“, каде што жирито во состав: Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на РМ, Маријана Гаивао, режисерка, Кјара Катерина, режисерка, Сања Дракулиќ, кастинг-директорка, Наташа Петровиќ, актерка, и Кујтим Чашку, режисер, ќе одлучат за најдобрите остварувања во двете селекции.
Во рамките на музичките документарни филмови ќе ја има долгоочекуваната премиера на филмот „Небеска тема“, посветен на животот и музиката на Влада Дивљан, со гости од филмот. Во истата програма ќе се случи и премиерата на македонскиот музички документарен филм „Ќеф“, во режија на Блаже Дулев, кој го следи развојот на чалгијата во Македонија, како и филмот „Стакло“, во режија на Нина Маџиров, ќерка на македонскиот изведувач Зоран Маџиров, филм посветен на нејзиниот татко и неговиот вонсериски музички талент.