Меѓународното стручно жири на „Малиот битолски Монмартр 2019“ одлучи годинава гран при да добие уметничкото училиште „Симпли арт“ од Хонгконг (Кина).
Меѓународниот ликовен конкурс „Битола 2019“ беше распишан во почетокот на септември 2018 година, а траеше до 20 февруари 2019 година. На конкурсот учествуваа 333 училишта, со 15.671 цртеж, од 34 земји од Европа и светот.
Меѓународното стручно жири од вкупниот број пристигнати творби на конкурсот (15.671) за 37-та меѓународна изложба на детски ликовни творби „Битола 2019“ избра 806 творби, а ќе биде отворена на 23 мај, во просториите на националната детска ликовна галерија „Монмартр“.
Добитник на наградата „Проф. д-р Богомил Карлаварис“ за животно дело е ликовниот педагог Маја Ананиева од детското ликовно студио „Колорит“ од Бугарија. Специјални награди добија „Коцаели Бахчесехир колеи“ од Турција и „Кид креатив арт воркшоп“ од Хонгконг (Кина).
На годинашната манифестација ќе учествуваат 22 екипи, составени од двајца учесници и еден ликовен педагог од: Битола, Србија, Хрватска, Русија, Турција, Романија, Унгарија, Словачка, Бугарија, Полска, Малезија, Бангладеш и други држави.
Исто така, меѓународното стручно жири додели 19 награди за најдобра испратена колекција на конкурсот „Битола 2019“ и награди за најдобри поединци – „златна палета“, вкупно 171.
Да се надеваме дека до почетокот на манифестацијата во Битола ќе бидат решени и сите тековни проблеми. Локалната самоуправа, како и досега, ќе го поддржи „Малиот битолски Монмартр“ и повторно многу ликовни уметници од целиот свет ќе бидат дел од најголемото детско ателје под ведро небо.