Супер е да се игра тенис, тоа е мојот живот, моето здравје и тоа што сакам да бидам во моментов, вели Серена Вилијамс, победничката на 23 гранслем-турнири
ТЕНИС
Се гледам себеси на турнирите во САД и во Париз доколку се одржат, изјави за Би-би-си, Американската тенисерка Серена Вилијамс.
Таа најави дека овој месец планира да игра на гранслем-турнирот САД опен, кој треба да започне на 31 август во Њујорк, а од 27 септември и на турнирот Ролан Гарос. Таа призна дека за време на карантинот поради пандемијата на коронавирусот размислувала и за повлекување.
– Немам целосен капацитет на белите дробови и не знам што и колку би можела да одиграм, но сигурна сум дека ќе бидам во ред. Патувам со 50 заштитни маски и сум многу внимателна за сѐ што правам. Супер е да се игра тенис, тоа е мојот живот, моето здравје и тоа што сакам да бидам во моментов – вели Вилијамс.
Во меѓувреме таа ќе игра на ВТА-отворениот турнир во Лексингтон, Кентаки, како подготовка за САД опен, кој го има освоено шест пати.
Светскиот рекет број еден, Австралијката Ешли Барти, и нејзините колешки од топ 10, Украинката Елина Свитолина и Холанѓанката Кики Бертенс, се повлекоа од САД опен, поради загриженост од пандемијата на коронавирусот и владините регулативи за задолжителен 14-дневен карантин по враќањето од САД. Светскиот рекет број два, Романката Симона Халеп, исто така не се очекува да игра на турнирот, кој ќе се одржи зад затворени врати.
Кај мажите своето учество го откажа и бранителот на титулата во машка конкуренција, Шпанецот Рафаел Надал, потоа Швајцарците Роџер Федерер и Станислав Вавринка, Французите Гаел Монфис, Лука Пуј и Џо Вилфрид Цонга, Италијанецот Фабио Фоњини, Австриецот Ник Кирјос…