Американците сметаат дека се вратила ерата на натпревар помеѓу големите сили, а како главни ривали ги посочуваат Русија и Кина

Американската морнарица реши одново да ја формира својата Втора флота, која до 2011 година беше задолжена за безбедноста на северниот Атлантик.
Флотата беше расформирана како дел од планот за кратење на трошоците во армијата на САД, но поради заострувањето на односите со Русија, оваа флота одново ќе се формира. Во прво време, таа ќе се состои од 15 офицери стационирани во базата Норфолк, Вирџинија, а оваа бројка ќе порасне на 200 офицери, кои ќе контролираат бродови што ќе бидат делегирани на флотата. Сѐ уште не е познато кој ќе командува со флотата и каква опрема ќе вклучува. Норфолк исто така е предложена како домаќин на новата команда на здружените сили на НАТО за Атлантикот, наведува Би-би-си.

Како што нагласи командантот на американските поморски операции, адмиралот Џон Ричардсон, Втората флота ќе биде задолжена за безбедноста на источниот брег на САД и на поморските линии на северниот Атлантик. Тој посочи дека во националната одбранбена стратегија на САД, што беше објавена претходно годинава, јасно е нагласено дека се вратила ерата на ривалството помеѓу големите сили. Во истата стратегија како главни ривали се наведени Русија и Кина. Претставници на САД и на НАТО посочуваат дека во изминатиот период Русија ги засилила поморските патроли во Балтичко Море, северен Атлантик и на Арктикот, како и дека нејзините подморници се најактивни од крајот на Студената војна.

Односите помеѓу Западот и Русија значително се влошија во изминатиот период по обвинувањата за мешање на Москва во западните избори, поддршката на Москва за сирискиот претседател Башар ал Асад, како и по труењето на бившиот двоен агент Сергеј Скрипал, за кое Британија ја обвинува Русија.


Нови бродови, ракети и подморница за руската морнарица

Руската воена морнарица до крајот на годината ќе добие шест нови и четири поправени воени бродови, изјави министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
– Во март компанијата „Јунајтед шипбилдинг корпорејшин“ на воената морнарица ѝ го испорача бродот за логистичка поддршка „Елбрус“. Во април заплови првиот сериски произведен миноположувач „Иван Антонов проект 12.700“ – изјави Шојгу.
Претходно, заменик-министерот за одбрана Јури Борисов изјави дека руската морнарица во првите три месеци од годинава презела подморница на нуклеарен погон, три воени хеликоптери и 50 крстосувачки проектили, пренесе „Ал џезира“.