Авионот е соборен од сириската армија, но израелски авиони го принудија да влета во патеката на движење на сириските ракети, обвини Русија
Русија соопшти дека сириската армија соборила нејзин воен авион, но ги обвини израелските авиони дека го принудиле леталото да влета во линијата на огнот на ракетите на сириските одбранбени системи. Израел не ги коментираше обвиненијата. Во инцидентот во Сирија настрадаа 15 руски војници.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека израелски авиони во понеделникот го принудиле авионот „ил-20“ да влета во опсегот на движење на ракетите истрелани од сириските одбранбени системи, бидејќи не издале навремено предупредување дека планираат да извршат напад врз сириски цели.
Русија ги обвини Израелците за „неодговорни дејства“, зашто дале предупредување помалку од една минута пред нападите, што не било доволно за авионот навреме да се тргне од патот на ракетите.
– Израелските авиони намерно создадоа опасна ситуација за бродовите и за авионите во таа област – изјави портпаролот на Министерството за одбрана.
Тој ги обвини израелските пилоти дека го користеле рускиот авион како штит, принудувајќи го да влета во линијата на огнот на сириските ракети.
– Петнаесет руски војници загинаа поради неодговорните дејства на израелската армија. Ова е апсолутно спротивно на духот на руско-израелското партнерство. Го задржуваме правото соодветно да реагираме – нагласи портпаролот.
Израел ретко признава дека врши напади во Сирија, но претставник на израелската армија неодамна откри дека таа погодила над 200 ирански цели во изминатите 18 месеци во Сирија. Израел вели дека е загрижен од мешањето на Иран во Сирија, како и од испораките на иранско оружје за либанската милитантна група Хезболах, која ѝ е сојузник на сириската армија на претседателот Башар ал Асад, наведува Би-би-си.
Инаку, рускиот авион исчезнал од радар во понеделникот околу 23 часот по локално време. Инцидентот се случил на околу 35 километри од сирискиот брег, додека авионот се враќал во руската воздухопловна база Хмеимим, во близината на северозападниот град Латакија. Руската агенција Тас објави дека авионот исчезнал за време на напад на четири израелски авиони „ф-16“ врз сириски објекти во провинцијата Латакија. Сириските државни медиуми исто така објавија за напад во регионот непосредно пред исчезнувањето на авионот. Според агенцијата Сана, армијата пресретнала непријателски проектили што доаѓале од отворено море кон Латакија. Сириската телевизија објави снимки од експлозии над небото во Латакија околу 22 часот, а Сана подоцна објави дека сириските ракетни системи одговориле на непријателските проектили.