Ревија на етнолошки документарни филмови организира утре Музејот на Македонија, во рамките на манифестацијата „Европски денови на културното наследство“.
Ревијата ќе почне во 10.30 часот и ќе прикаже три филма: италијанско-британскиот „Оние што останаа“, во режија на Аријана Наци, од 2017 година, турскиот „Необични луѓе“, на режисерот Орхан Текоглу, од 2016-та, и филмот од Етиопија „Три дена слобода: женска прослава на Ашенда во Мекел Тиграј, северна Етиопија“, на етиопските режисери Тера Мијаланд и Теводрос Хајдемикаел, снимен оваа година.
Музејот на Македонија соопшти дека особено е впечатлив африканскиот филм во кој се документирани напорите за зачувување на дел од нематеријалното наследство на Етиопија.
– Ашенда е обред на премин на жените од Етиопија и Еритреја, кој е во процес на постепено исчезнување. Овој документарен филм ја раскажува приказната за еден специфичен обид за заживување на овој обред во главниот град на Тиграј, Мекел.