Двајцата лидери уште се многу далеку од моментот кога од пропагандната сфера ќе зачекорат во сферата на реалната политика, која ќе донесе конкретни и практични резултати во остварувањето на интересите на сите страни што првенствено се засегнати во кризата на Корејскиот Полуостров. Тие интереси, барем кога се во прашање американско-севернокорејските, и понатаму се дијаметрално спротивни. Вашингтон бара денуклеаризација на Северна Кореја, нудејќи за возврат сомнителни ветувања за голем економски развој на оваа земја, Пјонгјанг бара повлекување на американската војска од полуостровот, оценува „Геополитика“.
Северна Кореја го преокупира вниманието на поголемиот дел од светската јавност, по историскиот чекор на Доналд Трамп, кој стана прв американски претседател што официјално зачекорил на севернокорејска територија. Трамп преку демилитаризираната зона влезе во Северна Кореја, каде што имаше кратка средба со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун. Но исто како што историското стапнување на Нил Армстронг на Месечината во 1969 година беше искористено во пропагандната војна со тогашниот Советски Сојуз, така и средбата Трамп – Ким првенствено има цел да биде искористена во изборната кампања на актуелниот шеф на Белата куќа. Тоа се должи на фактот дека двајцата лидери уште се многу далеку од моментот кога од пропагандната сфера ќе зачекорат во сферата на реалната политика, која ќе донесе конкретни и практични резултати во остварувањето на интересите на сите страни што првенствено се засегнати во кризата на Корејскиот Полуостров, оценува порталот „Геополитика“.
Тие интереси, барем кога се во прашање американско-севернокорејските, и понатаму се дијаметрално спротивни. И додека на Вашингтон примарна цел му е денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, односно на Северна Кореја, бидејќи јужниот сосед не ни поседува нуклеарно оружје, нудејќи за возврат сомнителни ветувања за голем економски развој на оваа земја, Пјонгјанг бара повлекување на американската војска од полуостровот. Понатаму, тука се и посебните интереси на Пјонгјант и на Сеул за конечно, официјално прогласување на мир помеѓу двете земји, кои формално сѐ уште се меѓусебно завојувани страни, како и нивните интереси за обединување на корејскиот народ во единствена држава. Не смеат да се игнорираат ниту интересите на Кина, како клучен стратегиски партнер на Северна Кореја, наведува „Геополитика“:
Во такви комплицирани околности, севернокорејскиот лидер се претвори од непосакуван и меѓународно изолиран диктатор, кому Трамп пред нешто повеќе од една година му се закануваше со тотално уништување, во посакувана политичка личност за сите клучни светски лидери. Доволно е да се потсети на серијата големи политички трофеи, кои Ким успеа да ги „освои“ за само една година и на кои може да му позавидат и многу попознати светски државници: два самита со Трамп, повеќе средби со кинескиот лидер Си Џинпинг во Пекинг и јужнокорејскиот колега Мун, како и неодамнешната негова прва посета на Русија и разговорите со Владимир Путин, па до неодамнешната прва посета на Си на Пјонгјанг.
Се поставува главното прашање за тоа што толку драматично се случи во толку краток период во очите на меѓународната заедница, односно на нејзините клучни играчи. Прво, дојде до целосен пресврт на американскиот пристап кон таа земја, кој ја отвори вратата и за другите земји без страв да тргнат во пресрет на дотогаш омразениот и непредвидлив лидер. По заканите на Трамп до Ким за целосно уништување, следуваше намалување на тензиите и почеток на меѓусебниот дијалог. Од тоа најдобро може да се согледа дека Ким никогаш не се противел на дијалог, под услов да се темели на меѓусебно почитување и разбирање, а не од позиција на закани, надмоќ и ароганција.
Вториот момент, што можеби е уште попресуден, е фактот дека Пјонгјанг поседува нуклеарно и балистичко ракетно оружје, кое е подготвен да го употреби во случај на агресија на неговата земја. Ризиците од меѓусебен конфликт во такви услови се преголеми, а цената за американска воена победа би била прескапа и преголема за Вашингтон во однос на добивките што со неа би се оствариле.
„Геополитика“ наведува дека е и важно тоа што средбата меѓу двајцата лидери се случува веднаш по завршувањето на самитот на Г20 во Јапонија, каде што Трамп се сретна со рускиот колега Путин и со кинескиот претседател, со кој ја омекна реториката околу меѓусебната трговска војна. А и Си пред самитот ја посети токму Северна Кореја, каде што јавно го демонстрираше повторно зацврстеното стратегиско партнерство помеѓу двете соседни комунистички земји. Кинескиот лидер ја искористи посетата за да испрати јасна порака до Трамп дека без добри односи помеѓу Пекинг и Вашингтон, нема договор со Пјонгјанг.
Затоа и неодамнешниот „голем чекор“ на американскиот претседател на севернокорејска територија се толкува како маркетиншки чекор во почнатата предизборна кампања на Трамп. Затоа, како што заклучува порталот „Геополитика“, до конкретен политички резултат од средбата ќе поминат уште многу време и напори, а уште сега е јасно дека тој ќе биде постигнат само како резултат на поширок договор на сите клучни заинтересирани страни.